ДПСИР рамка
- Што се случува?
Еколошки проблеми поврзани со почвата се: (а) загадување со ѓубрива и пестициди (особено во производните региони на интензивно одгледување на овошје и зеленчук), (б) губење на органските материи во почвата (поради интензивни монокултури, мало користење на органски ѓубрива, угарење или зелено ѓубрење), (в) деградација на хумусниот слој поради суша или обилни врнежи, (г) контаминација на почвата, (д) запечатување на почвата, (ѓ) ацидификација на почвата, (е) ерозија на почвата.
Ерозија на почвата е еден од најважните еколошки проблеми во Република Северна Македонија. Комбинација на природни непогодности (косиот терен, почвени структури и појава на интензивни дождови), несоодветното користење на земјиштето (уништување на природната флора, конверзија на пасишта за интензивно земјоделско производство, создавање на големи парцели преку уништувањето на заштитни појаси) и земјоделски практики (прекумерно пасење, користење на монокултури, ограничена примена на органски материи, орање на стрмни падини, недостиг на производни техники за заштита на почвата, недоволно користење на земјиштето за зимски култури) придонесува за забрзување на процесот на ерозија. Во моментов се проценува дека 37% од земјата се соочува умерена до екстремна ерозија, со вкупен годишен губиток на почва од околу 17.100.000m3. Како резултат на ерозија на почвата, големи количини на седимент завршуваат во вештачки и природни акумулации, што доведува до намалување на складирање или проток на капацитетите на вода и оштетување на критични хидраулични инфраструктури. Во нашата земја доминантна е водената ерозија и тоа ерозијата предизвикана од дожд и истечните води. Северна Македонија е една од со ерозија најзагрозените територии на Балканот. Според извештајот на Европската Агенција за животна средина од 1995 година Република Северна Македонија е ставена во таканаречената Црвена зона од водена ерозија во Европа.
Контаминацијата на почвата околу определени индустриски објекти т.н. загадувачи, како што се рудниците, термоцентралите и местата на депонирање на индустрискиот и комуналниот отпад е присутно и во Северна Македонија. Има присуство и на стари (историски и неоперативни) општински и диви депонии и индустриски жаришта кои не се рекултивирани и санирани. Контаминацијата на почвата може да е и дифузна, односно да ја предизвикуваат голем број на мали, но мошне различни загадувачи како што е случајот во поголемите градови. Загаденоста на почвите покрај автострадата во Северна Македонија е поголема отколку во останатите незагадени почви, но е помала отколку во Скопје.
Со деструкција на шумите во Северна Македонија се создале пасишта, обработливи површини, но и голини. Значајна компонента при овој вид на деградација на почвата е намалување на растителните отпадоци, хумус и биогени елементи и намалување на природната плодност на почвата.
Во Северна Македонија е нагласена миграцијата село-град, која со себе носи брза урбанизација, брзо проширување на некои населби, а при тоа не се води контрола за тоа какво земјиште се употребува за изградба на одредени објекти. Имено во период од 2000 год. до 2018 год. има зголемување на вештачките површини за 15% кое води до трајно запечатување на земјиштето. Понатаму има намалување на земјоделските површини од 8,4%, намалување на шумските и полуприродните области за 6,6% и на водните тела за 10,6%.
Ацидификацијата како тип на деградацијата на почвата во Северна Македонија е застапена незначително. Таа е многу и слабо проучена, нема податоци за влијанието на киселите дождови врз почвите. Во Северна Македонија има околу 11.000 ha на природно засолени почви лоцирани во сувиот регион на Овче Поле-источна Македонија.
Како резултата на климатските промени околу 75,6% од територијата на Северна Македонија покажува знаци на аридност или семи-аридност. Ова води кон опустинување, губење на биодиверзитетот и зголемување на ерозивните процеси.
Од аспект на заштита на водите и почвата, интензивното сточарство се смета за основен извор на нитрати, чие неконтролирано управување доведува до дисбаланс на почвените компоненти и загадување на околните површински и подземни води. Освен строгата регулатива за заштита на извори за водоснабдување на населението и заштита на површинската вода од загадувачи, во Република Северна Македонија не постојат утврдени „ранливи зони на нитрати“ од сточарска активност. Поради постигнување на задоволително ниво на спречување опасност од загадување се воспоставуваат правила на добра земјоделска пракса која на доброволна основа ќе ја спроведуваат земјоделците и се спроведувааат сеопфатна програма за обуки и промоција на правилата за добра земјоделска пракса. Со правилата за добра земјоделска пракса се уредуваат следните практики: периоди кога треба да се избегнува расфрлање на ѓубривата по почвата, начин на употреба на ѓубривата по стрмни терени, на почви заситени со вода, на почви во близина на водотеци, начин на изградба и капацитети на садови за чување на измет од добитокот, постапка за употреба на ѓубривата (вклучително и дози).
Во однос на напредок во областа на почвата и следење на промените во истата треба да се посочи изготвувањето на дигиталната верзија на педолошка карта на Република Северна Македонија и постоењето на дигитален Македонскиот почвен информациски систем.
На основа на следење на промените на земјината покривка согласно методологијата на CORINE Land COVER (CORINE земјина покривка) евидентно е дека во целиот период (референтни години 2000, 2006 и 2018) постои константно намалување на природните површини, главно земјоделско, 64% од вкупните промени и шумско земјиште, 33% од вкупните промени, додека во исто време на нивна сметка, постои константно зголемување на вештачките површини.
- Зошто се случува?
Почвата како медиум е ставена на маргините на општеството. Нема интерес ниту за развој на политики, ниту за законска регулатива кои ќе регулираат одредени работи во однос на почвата како медиум на животната средина. Не постои ниту мониторинг на состојбата и квалитетот на почвите во Северна Македонија, ниту се следи состојбата со контаминираните локалитети.
Промените на природните површини од едни во други, а особено промена од природни во вештачки површини и обратно постојат повеќе фактори кои мора да се земат предвид:
- Земјоделските површини се воглавно во близина на урбани подрачја и од тие причини и најранливи при ширење на истите.
- Поради трансформација на земјоделските површини од големи комбинати во помали приватни поседи, дел од површините, пред се заради необработливост, преминуваат во шумски подрачја и/или нивни преодни фази.
- Намалувањето на шумските области во добар дел е заради стратешки инфраструктурни објекти, пред се државни патишта, па за таквите ситуации и се преземаат мерки за намалување на влијанието врз животната средина.
- Дали имаме национална цел?
Нема јасно дефинирани национални цели за почвата како медиум.
Следење на промените на земјината покривка и мапирање на тековната состојба, со тенденција на намалување на промените од останатите класи (природни површини) во класа 1 (вештачки површини).
- Дали националната цел е постигната?
Поради недефинираноста на националните цели, нема ниту нивно постигнување за почвата како медиум.
Во однос на постигнување на целите за следење на промените на земјината покривка и мапирање на тековната состојба, сеуште сме далеку од постигнување на целта.
- Клучни пораки за темата
Да се зголеми интересот за почвите од страна на политичките чинители во Република Северна Македонија.
Информациите за статусот на земјината покривка, со редовните ажурирања дава прецизни податоци за ефектите на мерките кои се преземаат за заштита на природните ресурси, и за жал во разгледуваниот период, има пораст на површините од 15,1% во типот вештачки површини, додека пад на површината на жител има кај земјоделските површини од 8,4%, шумски и полуприродни области од 6,6% и водни тела од 10,6%.
Управувањето со контаминираните локалитети од 2005 до 2011 година, покажува напредок во однос на главното истражување на локакитетот, како и имплементацијата на санационите мерки. Додека при комплетирањето на санационите мерки не е забележан напредок, односно ниту на еден од идентификуваните контаминирани локалитети не е евидентирано комплетирањен на санационите мерки.
Северна Македонија е една од со ерозија најзагрозените територии на Балканот. Во нашата земја е доминантна водената ерозија и тоа ерозијата предизвикана од дожд и истечните води.
- Кои активности се/треба да се превземат?
Да се усвои закон кој ќе ги заштитува почвите во Република Северна Македонија, воедно ќе ги третира контаминираните ликалитети и ќе превенира понатамошно загадување на почвите како медиум на животната средина. Примена на законите од областа на земјоделството, шумарството, просторното планирање итн.
За зачувување и планска експлоатација на природните ресурси потребно е да се преземат мерки за планирање, вклучувајки просторни планови на ниво на држава, регионални и локални, прогласување на заштитени зони, програми за ревитализација на загрозени области, стратешки пристап кон планирање и имплементација на инфраструктурни објекти на национално ниво, како и строго контролиран процес на урбанизација, каде основниот фокус треба да се стави на два сегменти:
- Делот на просторно и урбанистичко планирање, каде развојот и ширењето треба стратешки да се насочи надвор од битни природни ресурси, но и во насока на интеграција на зелени површино во урбаните обасти;
- Изградбата на инфраструктурни објекти на државно ниво, каде што посебен акцент треба да се стави на проценка на стратешкото влијание на животната средина и преземање соодветни мерки за заштита.
Преземање конкретни мерки и активности за комплетирање на санационите мерки на контаминираните локалитети.
Преземање активности за aнтиерозивна заштита на просторот со комбинирани мерки.