Почва

Почвата е дефинирана како...

Почвата е дефинирана како површински слој на земјината кора, формиран од минерални честички, органски материи, вода, воздух и живи организми. Формирањето на почвата е екстремно бавен процес и поради тоа почвата може да се смета како необновлив ресурс.

Почвата е производ на дејствувањето на педогенетските процеси кои се обусловени од континуираното, заедничкото и меѓузависното дејство на хетерогените педогенетски фактори. Од педогенетските фактори би ги споменале:

  • релјефот со различна надморска височина, експозиција и инклинација, хидрографските услови,
  • геолошките формации со различна старост и состав,
  • присуството на повеќе клими, како и
  • различни растителни асоцијации.

Поради долготрајното дејство на педогенетските фактори нашите почви во текот на времето се менувани, така што достигнале различен степен на еволуција. Кон ова треба да се додаде и долготрајното дејство на човекот кое ја има изменето насоката на природните педогенетски процеси во многу наши почви. Во просторот на нашата земја се јавува голрема хетерогеност на почвениот покривач. Тој е мошне мозаичен, што значи дека се менува на мали растојанија. Во Република Македонија има нешто повеќе од 30 почвени типови и уште повеќе поттипови, вариетети и форми.

Почвата е многу динамичен систем кој изведува многу функции и обезбедува сервиси значајни за активностите на човекот и опстанокот на екоситемите. Почвата има бројни еколошки функции, кои што се од суштинско значење за заштитата на животната средина, но и за економијата и напредокот на општеството во целост.

  • Почвата не обезбедува со храна, биомаса и други суровини.
  • Таа е платформа за човековите активности и е архив на геолошкото и археолошкото наследство.
  • Игра и централна улога како живеалиште и депо на гени на живите организми.
  • Почвата ги чува, филтрира и трансформира многу супстанции, вклучително и водата, хранливите материи и јаглеродот.
  • Во почвата се наоѓа најголемото депо на јаглерод во светот (1.500 гигатони).

Почвата е екстремно комплексен и варијабилен медиум. Структурата на почвата игра значајна улога во детерминирањето на нејзините способности за изведување на нејзините функции. Било кое оштетување на структурата на почвата ги оштетува и другите медиуми на животната средина и екосистемите.

Почвата е подложна на сериозни деградации. Тука се вклучени ерозијата, намалувањето на органските материи, локална и дифузна контаминација, отпечатувањето, намалување на биодиверзитетот, салинизација, поплавување итн. Во комбинација сите овие деградации можат да доведат, во аридни и субаридни климатски услови до опустинување.

Влијанијата врз почвата кои ги предизвикуваат човековите активности постојано се зголемува, што предизвикува сериозни социо-економски последици.

Голем предизвик е да се спречи деградацијата на почвата. Ова мора да се постигне преку посебни мерки на политиката за заштита и управување на почвата, како и вградување на прашањата за заштита на почвата во останатите секторски политики, односно во земјоделството, шумарството, управувањето со водите, транспортот и др.

Потребата од заштита на почвата и интегрираното управување со почвата се изнесени во Вториот Национален еколошки акционен план на Република Македонија 2006.

Република Македонија ја ратификуваше во 2002 год. Конвенцијата на Организацијата на Обединетите Нации за борба против опустинувањето, особено во земјите кои се соочуваат со сериозни суши – United Nation Convention to Combat Desertification (UNCCD).

Протоколот од Кјото укажува на тоа дека почвата претставува главно депо на јаглерод кое треба да се заштити и да се зголеми ако е возможно. Одделувањето на јаглерод во земјоделските почви со одредени управувачки практики може да допринесе за намалување на климатските промени. Република Македонија ја ратификуваше Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени – United Nations Framework Convention on Climate Change (UNFCCC) во 1997 год. и го ратификуваше протоколот од Кјото во 2004 год.

Конвенцијата за биолошка разновидност – Convention on Biological Diversity (UNCBD), Република Македонија ја ратификуваше во 1997 год.

Ерозија на почвата
 Ерозијата на почвата претставува процес на деградација на почвата и нејзино однесување во ниските делови на сливот. Според причинителот ерозијата се дели на:

  • Водена ерозија-предизвикана од дожд, истечните води, глечерите и подземните води
  • Еолска ерозија-предизвикана од ветерот
  • Абразивна ерозија-предизвикана од комбинирано дејство на ветер и вода

Во нашата земја е доминантна водената ерозија и тоа ерозијата предизвикана од дожд и истечните води. Еолската ерозија ја има кај нас на високите планински врвови, но штетите од неа се занемарливо мали во однос на водената ерозија. Ист е случајот со абразивната ерозија која е всушност предизвикана од езерските бранови во нашата земја.

Македонија е една од со ерозија најзагрозените територии на Балканот. За тоа постојат повеќе причини:

  • долготрајно деструктивно влијание на човекот (уништување на природната вегетација, отсуство на мерки за конзервација на земјоделските почви, неправилна обработка со влошување на физичките својства на почвата)
  • релјеф во кој се сменуваат планини и котлини со појава на стрмни и долги наклони
  • еродибилност на некои седименти, стени и почви
  • климатски услови како пороен карактер на врнежите, аридност на климата поради која природната вегетација послабо ја покрива почвата, а уништената вегетација потешко се обновува. 
Локална и дифузна контаминација
Контаминација на почвата од цврст отпад од рудниците, металуршките и други индустриски капацитети

Еден од начините на експлатација на јагленот, на бакарната и никелната руда се отворените копови. Најголеми оштетувања се јавуваат при експлоатација на јагленот за потребите на енергетиката, бидејќи тој се јавува во нашите котлини под плодни почви и под длабоки слоеви на растресити седименти. Цврстиот отпад од рудниците во кои се вади Fe, Zn, Pb, Cr, Ni, Cu, итн содржи тешки метали и е преработен со флотација.

Металуршкиот отпад во Република Македонија се создава во топилниците при производство на железо, челик и легури, на олово и цинк, на фероникел, ферохром, феросилициум и силициум-метал. Овој отпад со својата маса покрива определена површина од продуктивното земјиште намалувајќи го земјишниот фонд. Големото количество на тешките метали е резултат на примената на технологијата со која некомплетно се искористува рудата.

Цврстиот отпад од индустријата има слично дејство врз водите и почвата  како и отпадот од металургијата. Тој со својата маса покрива мали површини на продуктивно земјиште, но затоа врши силна контаминација. Тој контаминира не само со тешки метали, туку и со други супстанции пример органски.

Покривање на почвата со цврст комунален отпад
Комуналниот отпад има мошне хетероген состав и е последица на човековата активност. Се депонира на одредени депонии, но и на така наречени диви депонии во рурални средини и насекаде низ Републиката.

Контаминација на почвите во земјоделството и шумарството
Што се однесува до употребата на ѓубривата во земјоделството, треба да се нагласи дека за да ѓубривото врши деградација на почвата, тоа  треба да биде користено во претерано големи количества и што е многу важно, неговите составни растворливи делови да ја зголемат концентрацијата на почвениот раствор. Нитратите се главни контаминанти меѓу минералните ѓубрива.

Пестицидите се минерални, органоминерални и органски хемиски соединенија кои се применуваат во земјоделството за уништување на штетни организми (плевели, инсекти, габи, бактерии и др.) Главни недостатоци на пестицидите се продолжителна перзистентност на некои во компонентите на биосферата, можат да уништат или оштетат и корисни организми, да мигрираат надвор од агроекосистемот. Особено се опасни тие кои не се разградуваат и се акумулираат во почвата.

Во Македонија се изградени 106 мелиоративни ситеми и околу 20 поголеми акумулации. Изградена е мрежа за наводнување од 140.000 ha, оптимално може да се наводнуваат 126.000 ha, но реално се наводнуваат разни површини во големина од 80.000 ha. Најголем дел од површините кои се наводнуваат со води од вештачки акумулации се наоѓаат во горните текови на реките над изворите на загадување со исклучок на акумулацијата Тиквеш и Калиманци. Најзагадени (особено со тешки метали) се водите кои се искористени во рудниците (Злетово, Саса, Тораница) во флотационите процеси. Почвите наводнувани со речни води збогатени со тие ефлуенти се загадуваат со тешки метали, особено со олово и цинк.

Контаминација на почвата преку други компоненти на животната средина
Постои индиректна контаминација на почвата. Тоа значи дека најнапред се контаминираат воздухот и водата, а почвите само индиректно преку тие компоненти. Полутантите што се емитуваат во воздухот доаќаат во почвата со дождови и таложење. Полутантите од водите доаѓаат до почвите со поплави, наводнување или по капиларен пат.

Загаденоста во градовите е дифузна, т.е. во неа учествуваат голем број на разни загадувачи: градски топлани, индивидуални огништа, котларници, сообраќај, металуршки и индустриски објекти. Суспендираните честички од воздухот со депозиција и со врнежи доаѓаат до површината на почвите и на растенијата во градот.

Отпечатување
Продуктивниот фонд на земјиштето кај нас се намалува и со пренамена во користењето на земјиштето, на пример за водни акумулации, за изградба на населби и индустриски објекти и за изградба на разни инфраструктурни објекти. Отпечатувањето на почвите може да има влијание и на фрагментација на живеалиштата и прекинување на миграционите коридори на дивите видови животни.
Во Република Македонија проектот CORINE Land Cover започна кон крајот на 1998 година, а верификација на крајниот продукт е извршена во февруари 2000 година. Поради карактеристиките на земјината покривка на територијата на Р. Македонија, од 44 можни класификации, во Македонија се идентификувани 31. Дополнително, од истите причини , минимална просторна единица која е обработувана во проектот наместо 25 хектари, намалена е на 20 хектари. Во базата на податоци од CORINE Land Cover се кријат драгоцени информации кои во корелација со други податоци можат да бидат инструмент за решавање на:

  • заштитата на високо-бонитетното обработливо земјиште од ефектите на урбанистичкиот развој, особено околу градовите;
  • нерамномерен регионален развој;
  • проблемите поврзани со ерозија на земјиштето во одредени подрачја;
  • проблеми поврзани со заштитата на природата.

За добивање на попрегледна слика, за секоја класификација е пресметана процентуалната застапеност во Р. Македонија и графички е претставена истата. CORINE Land Cover базата на податоци е направена само еднаш т.е. постојат информации само за состојбата со земјината покривка во Р. Македонија, добиени како резултат на обработка на сателитските снимки. Од ова произлегува дека не е возможно врз основа на овие податоци да се добие увид за промените на земјината покривка во Р. Македонија кои се очекува да настанат во одреден временски период.

Вештачките површини во Република Македонија зафаќаат површина од 1,45% од целокупната површина на Републиката. Од сите класи најзастапена е непостојаната урбанистичка структура, потоа следуваат индустриските или комерцијалните единици, па наоѓалиштата на минерали.

Земјоделските површини зафаќаат  36,58% од вкупната површина на Република Македонија. Од нив со најголема застапеност е обработливото земјиште кое не се наводнува, потоа следуваат моделите на комплексна обработка, па пасиштата.

Шумите и полуприродните области зафаќаат 59,65% од вкупната површина на Р. Македонија. Најзастапена класа од оваа категорија е широколисната шума, потоа следува транзитното шумско земјиште со жбунови, па природната ливада.

Копнените мочуришта зафаќаат  површина од 0,07% од површината на  Р. Македонија. Водените тела пак зафаќаат 2,19%.

Генерално гледано населението во Македонија е во пораст во западните и во југозападните делови, а се намалува во источните делови на земјата, како резулата на природниот прираст на населението и на миграциите. 87% од населението е концентрирано во поголемите градови. Во глевниот град Скопје се населени околу четвртина од жителите на Р. Македонија. Потоа миграцијата е насочена околу поголемите градови како Куманово, Тетово. Гостивар, Охрид Струмица и Велес. Како резултат на погореспоменатото повеќето градови имаат проблем со водоснабдувањето и со управувањето со цврстиот отпад, како и со загадувањето на воздухот од транспортниот сектор и индустриските постројки.

Намалување на органските материи
Се смета дека 95% од територијата на Македонија биле под шуми, а само мал дел под природна тревна вегетација, пред да започне антропогеното уништувае и деградирањето на природната вегетација и претварање на природните почви во земјоделски. Само малку над 1/3 од природните шуми се зачувани. Половина од уништените шуми се претворени во пасишта, а половина во обработливи површини, а добиени се и големи површини под голини (337.000 ha). Значајна компонента при овој вид на деградација на почвата е намалување на растителните отпадоци, хумус и биогени елементи и намалување на природната плодност на почвата.

Содржината на хумус и биогени елементи опаѓа многу побавно во почвите кои биле порано под тревна вегетација во споредба со почвите кои биле под шумски заедници. Намалување на хумусот со разорување на ливадска и блатна вегетација  во Пелагонија, една од најголемите низини во Македонија која се користи за одгледување на разни земјоделлски култури изнесува: содржина на хумус во ливадска почва пред разорување 3,98 %, по разорување 3,43%, а во блатни почви 6,32% и 5,29%. Тоа значи дека за 20- години се изгубени околу 15% од вкупното количество на хумус. Во Пелагонија годишно се губи 0,75% од вкупното количество на хумус, што значи дека биолошката деградација е слаба т.е. помала од 1%. Во Македонија просечна содржина на хумус во одредени типови на почви е следната: рендзини во планински предел 11,3%, смолници 4,17-4,68%, кафеави шумски почви 4,6%, алувијални почви2,9-3,9%.

Салинизација
Терминот солени почви е главно задржан како заеднички за слатините (почви што се одликуваат со дополнително влажење со подземни, а поретко со површински солени и алкализирани води и до длабочина од 125 см барем во еден дел од профилот содржат најмалку 1% соли кај хлоридно-сулфатното засолување или 0,7% соли кај содното засолување и атсорбирани Na-јони над 5%) и слатинестите почви (интензитетот на салинизација и алкализација е послаб од слатините), иако тој термин не е сосема адекватен. Всушност тоа се натриумски почви, бидејќи натриумот е главен елемент кој учествува во генезата на овие почви било во вид на соли било во вид на атсорбирани јони. Солените или засолените почви кај нас се означуваат со повеќе народни имиња како: солена земја, соленица, слатина, белокалица, ќелак, тврдак итн. Површините на солените почви во нашата земја се мали, тие изнесуваат само 0,42% од вкупната површина на нашата земја. Овие почви се образувани главно во нашите рамнински терени кои изнесуваат само 7,9%. Потоа во голем дел од нашата земја климата не е аридна, нема седименти со соли и нема засолени подземни води. Исклучок претставува Пелагонија поради специфичните хидрографски услови. Најмногу солени почви има во централниот и источниот дел на Македонија, т.е. во континентално-субмедитеранско подрачје кое се одликува со најизразита аридност и силно испарување, со присуство на палеогени седименти, меѓу кои има и засолени и со присуство на плитки минерализирани подземни води. Карактеристично е што 90% од сите површини на солените почви се јавуваат во само 4 котлини (Струмичка, Скопска, Овче Поле и Пелагонија). Во Македонија има околу 11.000 ха под слатини и слатинести почви. Под слатини има 3.200 ха што значи дека доминираат слатинестите почви. Овие почви имаат природно потекло, но во нивната генеза и антропогениот фактор игра значајна директна и индиректна улога.

Салинизацијата се јавува во определени услови: во негативните форми на релјефот, под влијание на капиларно качување и испарување на плитките и солени подземни води, во подрачјата со аридна и семиаридна континентално-субмедитеранска клима со силна евапотранспирација. Главни извори на соли  се засолените палеогени седименти и хемиското распаѓање.

Влијанието на човекот врз генезата и својствата на овие почви може да биде индиректно и директно. Индиректно влијание се состои во тоа што човекот може да ги менува педогенетските фактори (хидрографски услови, вегетација), а преку нив и почвите. Антропогената салинизација се јавува ако се наводнува со солени води или ако се подига нивото на подземните минерализирани води кога за наводнување се користат квалитетни речни води,но во поголеми количества од потребните и во слабо дренирани услови.  

Поплавување
Почвата може да се загади и од контаминираните површински и подземни води ако на било кој начин дојдат во допир со почвата.

Со извршеното одводнување, т.е. со заштита од поплави на површина од близу 70.000 ha, контаминираните речни води не можат да дојдат во допир со почвата преку поплави. Исклучок од ова се неколку жаришта, почвите покрај реките што носат загадени отпадни води од рудниците во источна Македонија. Површините на почвите покрај реките Злетовска Река, Каменичка Река, Тораничка река не се заштитени од поплави. 

Законска регулатива во Република Македонија која се однесува на заштитата на почвите

Заштитата на почвите во Република Македонија се регулира со неколку закони:

Во Република Македонија се повеќе се наметнува потребата од донесување на соодветен закон кој ќе ја третира почвата од повеќе аспекти како медиум на животната средина.