НАДМИНУВАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ ЗА КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХ ВО УРБАНИ ПОДРАЧЈА – По мониторинг станица |
Овој индикатор покажува:
- Број на денови во текот на годината кога нивото на загадување на воздухот (за загадувачките супстанци: суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10),сулфур диоксид (SO2), азот диоксид (NO2), и приземен озон (O3)) ги надминува пропишаните гранични вредности (максимално дозволените годишни и краткорочни концентрации во урбаните средини, каде што се врши редовна обсервација на квалитетот на воздухот).
- Процент на урбана популација (на пр. вкупниот број на жители кои живеат во урбаните области со најмалку една мониторинг станица) во земјата изложени на загадување на воздухот над воспоставените гранични вредности.
- Апсолутни вредности на концентрацијата на загадувачките супстанци во воздухот.
- Број на денови
- Koнцентрации во амбиентниот воздух на сулфурдиоксид (SO2), суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10), азотдиоксид (NO2) и озон (O3) се изразуваат во микрограм/m3 (µg/m3).
Каков прогрес е направен за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции во урбаните средини за достигнување на граничните вредности (за SO2, PM10, NO2) и целните вредности (за O3) дефинирани во Уредбата?
Суспендирани честички со големина до 10 микрометри (РМ10)
Концентрациите на суспендирани честички со големина до 10 микрометри ги надминуваат граничните вредности дефинирани во Уредбата, на анализираните мерни места. Многу често има појава на високи концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, особено во зимскиот период. Највисоки концентрации на PM10, се забележани во Скопје.
Азот диоксид (NO2)
Во период од 2004 до 2020 година се забележува тренд на опаѓање на концентрации на азот диоксид. Измерените концентрации на оваа загадувачка супстанца ја надминуваат пропишаната гранична вредност само во Скопје.
Сулфур диоксид (SO2)
Во периодот од 2004 до 2020 година, се забележува тренд на опаѓање на просечната годишна концентрација на сите мерни места. Исто така, нема надминување на среднодневната гранична вредност на сулфур диоксид, односно населението не е изложено на концентрации на сулфур диоксид над граничната вредност, на сите анализирани мерни места.
Озон (О3)
Во периодот од 2004 до 2020 година највисоките концентрации на озон се забележани во Битола, од причина што е градот се простира во југозападниот дел од државата со голем број на сончеви денови во текот на годината. Додека пак во Скопје, измерените концентарции на озон, во целиот анализиран период, се значително пониски од концентрациите на озон евидентирани во Битола и Велес.
Опфат на податоци: excel
Извор на податоци: Македонски информативен центар за животна средина (http://www.moepp.gov.mk)
Суспендирани честички (РМ10)
Суспендирани честички со големина до десет микрометри се честички кои поминуваат низ отвор кој се селектира по големина со 50% губење на ефикасноста при аеродинамичен дијаметар со големина до десет микрометри (10 μm). Овие честички со димензии до 10 микрометри се таканаречени фини честички или аеросоли. Тие долго се задржуваат во воздухот и настануваат како резултат на природни и антропогени извори. Од природните извори значајни се жолтите дождови кои се јавуваат и кај нас, шумските пожари и хемиските реакции кои што се случуваат во природата. Од антропогените извори најзначајни се согорувањето на јагленот, дрвото и нафтата, индустриските процеси, транспортот и согорувањето на отпадот.
Појава на зголемени концентрации на суспендирани честички се забележува во урбаните средини особено во сезоната есен-зима, што најверојатно се должи на зголемената фреквенција на сообраќајот, затоплувањето на индивидуалните домаќинства и административните установи и метеоролошките услови. На следниот графикон се прикажани просечните годишни концентрации за РМ10 за дадениот период.
Графикон 1: Просечна годишна концентрација на РМ10
Од обработените податоци за периодот 2004-2020 година, може да се забележи дека во текот на целиот период населението е изложено на концентрации на суспендирани честички кои ги надминуваат граничните вредности (среднодневна гранична вредност од 50 mg/m3 која што не треба да биде надмината повеќе од 35 дена во една календарска година и годишната гранична вредност од 40 mg/m3). Меѓутоа последните години имаме тренд на опаѓање на концентрациите и на мерното место во Битола – Битола 2 и измерената просечна годишна концентрација oд 38 mg/m3 е под годишната гранична вредност. Највисоки концентрации на оваа загадувачка супстанца се забележани во Скопје, што најверојатно се должи на човековото живеење, густата населеност, големата употреба на цврсто гориво за затоплување на домовите во зимскиот период како и влијанието од индустријата.
Азот диоксид (NO2)
Испитувањата покажале дека во воздухот се застапени повеќе оксиди на азот, но најзначајни се азот диоксид и азот моноксид. Овие загадувачки супстанци најчесто се резултат на природни извори. Сепак, во урбаните средини најголем извор е сообраќајот, а помал извор е индустријата. Најтоксичен од сите азотни оксиди е азот диоксид, чии концентрации се условени од годишното време и од метеоролошките услови. Имено, во утринските часови повисока е концентрацијата на NO заради зголемената фреквенција на сообраќајот, a со интензивирање на сончева радијација во текот на денот се врши претворање на NO во NO2 со што се зголемува концентрацијата на NO2. Азотните оксиди влијаат на содржината на озонот и на другите фотохемиски оксиданси во воздухот. Во текот на сезоната пролет-лето поголема е концентрацијата на NO2, а во сезоните есен-зима на NO. Количеството на NOx e зголемено во зимскиот период поради повисоката фреквенција на сообраќајот. На следниот графикон се прикажани просечните годишни концентрации за NO2 за дадениот период.
Графикон 2: Просечна годишна концентрација на NO2
Од обработените податоци може да се види дека надминувања на просечната годишна концентрација на азот диоксид се забележани само во Скопје, што најверојатно се должи на големата фреквенција на сообраќај и работата на индустриските капацитети.
Сулфур диоксид (SO2)
Сулфур диоксидот во воздухот најчесто потекнува од големите термоцентрали и термоелектрани како и од малите и средноголеми котли за согорување на јаглен во урбаните средини. Главниот антропоген извор е согорувањето на јагленот и нафтата. Оваа загадувачка супстанција се емитира во воздухот и како резултат на индустриските процеси (производство на целулоза и хартија, сулфурна киселина, топење на олово-цинкови руди). На следниот графикон се прикажани просечните годишни концентрации за SO2за дадениот период.
Графикон 3: Просечна годишна концентрација на SO2
Во периодот од 2004 до 2020 година, нема надминување на среднодневната гранична вредност на сулфур диоксид, односно населението не е изложено на концентрации на сулфур диоксид над граничната вредност, на сите анализирани мерни места.
Озон (О3)
Озонскиот слој се наоѓа на височина од 10 до 15 km од земјата и служи како филтер за UV- зрачењето и стабилизација на климата.
Автоматските мониторинг станици вршат мерења на приземниот озон кој се формира како резултат на фотохемиски реакции во кои учествуваат азотни оксиди, испарливи органски супстанци (најчесто јаглеводороди) и др. Сепак, на неговата содржина влијаe интензитет на сончева радијација и годишните времиња. Поради тоа, повисоки концентрации на озон се забележуваат во топлите денови, а особено во летниот период. На следниот графикон се прикажани просечните годишни концентрации за О3 за дадениот период.
Графикон 4: Просечна годишна концентрација на O3
Во периодот од 2004 до 2020 година највисоките концентрации на озон се забележани во Битола, од причина што е градот се простира во југозападниот дел од државата со голем број на сончеви денови во текот на годината.Додека пак во Скопје, измерените концентрации на озон, во целиот анализиран период, се значително пониски од концентрациите на озон евидентирани во Битола и Велес.
- Методологија за пресметка на индикаторот
При пресметката на индикаторот земени се во предвид податоците од извршените мерења на квалитетот на воздухот од следните три града: Скопје, Битола и Велес, како најрепрезентативни локации за приказ на состојбата за квалитетот на воздухот во Република Македонија. Скопје е избран затоа што е главен град и претставува најголема урбана средина во државата и голем индустриски центар. Битола е втор град по големина, во чија непосредна близина се наоѓа најголемата термоелектрана РЕК Битола и Велес, како град со големо историско индустриско загадување.
За секоја селектирана урбана станица, се наведува типот на станицата (урбана позадинска, станица која го следи загадувањето од сообраќајот, станица која го следи загадувањето од индустријата). Потоа за секоја загадувачка супстанца од достапните часoвни податоци се пресметува: просечната годишна концентрација, највисоката среднодневна концентрација и бројот на денови со надмината среднодневна гранична вредност.
- Методолошка несигурност и несигурност на податоците
Во пресметките на индикаторот се земени и оние станици каде што покриеноста со податоци е помала од 75% по календарска година.
Во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните ведности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, се дефинирани граничните вредности за SO2, PM10, NO2 и целните вредности за O3.
Гранични вредности за концентрации на сулфур диоксид во амбиентниот воздух
Во согласност со горенаведената Уредба за сулфурдиоксид, дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје
- Среднодневна гранична вредност од 125 µg/m3 и истата не смее да биде надмината повеќе од 3 пати во текот на една календарска година
- Едночасовна гранична вредност од 350 µg/m3, која не смее да биде надмината повеќе од 24 пати во текот на една календарска година
Гранични вредности за концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри во амбиентниот воздух
Во согласност со горенаведената Уредба за суспендирани честички со големина до 10 микрометри,дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје.
- 24-часовната гранична вредност изнесува 50 μg/m3, и истата не смее да биде надмината повеќе од 35 пати во текот на една календарска година
- Просечната годишна концентрација не смее да надмине 40 μg/m3.
Гранични вредности за концентрации на азот диоксид во амбиентниот воздух
Во согласност со горенаведена Уредба за азот диоксид, дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје.
- Едночасовната просечна гранична вредност на азот диоксид не смее да ја надмине граничната вредност од 200 μg/m3 повеќе од 18 пати во текот на една календарска година.
- Просечната годишна концентрација не смее да надмине 40 μg/m3.
Целни вредности за концентрации на озон во амбиентниот воздух
Во согласност со горенаведената Уредба за озонот, дефинирани се целна вредност за заштита на човековото здравје и долгорочна цел за заштита на човековото здравје.
- Целната вредност за заштита на човековото здравје за озонот е определена на тој начин што 8-часовната средна вредност се пресметува од едночасовните концентрации за секој ден. Максималната дневна 8-часовна средна вредност на озонот не треба да ја надмине вредноста од 120 μg/m3 повеќе од 25 денови во текот на годината (пресметано како средна вредност за три години). Оваа целна вредност треба да се достигне до 2010 година.
- Во Уредбата е дефинирана и долгорочната цел за заштита на човековото здравје од 120 μg/m3, како максимална дневна 8-часовна средна вредност во текот на календарска година.
- Европска агенција за животна средина
– Размена на податоците за квалитет на воздухот, во согласност со имплементационата одлука во која се дадени правилата на директивите 2004/107/EC и 2008/50/EC на Европскиот парламент и на Советот во однос на реципрочна размена на информации иизвестување за квалитет на амбиентен воздух (Одлука 2011/850/EC).
Тема | Воздух | Поврзаност со други теми/сектори | Климатски промени, Енергија, Транспорт, Здравство,Индустрија |
Код на индикаторот | MK НИ 004 – 5 | Временска покриеност | 2004-2020 |
Име на индикаторот | Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја – по мониторинг станица | Извор на податоци | Министерство за животна средина и просторно планирање – Македонски информативен центар за животна средина |
Класификација по ДПСИР | С | Датум на последна верзија | 20.05.2021 |
Тип | А | Подготвено/ ажурирано од: | Никола Голубов Анета Стефановска |
Фреквенција на публикување | Годишно | Контакт | e-пошта: N.Golubov@moepp.gov.mk А.Stefanovska@moepp.gov.mk |
МК НИ 004 – 5 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја –по мониторинг станица | EEA – Европска агенција за животна средина | IND-34-en CSI 004 , AIR 003 Exceedance of air quality standards in urban areas |
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа | А2/15 – Annual average concentration of sulphur dioxide А2/16 – Annual average concentration of nitrogen dioxide А2/17 – Annual average concentration of ground-level ozone А2/18 Annual average concentration of PM10 |
|
Каталог на индикатори за животна средина | 19 – Exceedance of air quality standards in urban areas (EEA_CSI004) | |
SDG – Цели за одржлив развој | 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution 9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added 11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted) |
|
GGI – Индикатори за зелен раст | да | |
Кружна економија | не |