МК – НИ 010

ЕМИСИИ НА СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ smajli 1 strelki
Дефиниција

Индикаторот дава преглед на количествата на емитираните и понираните (отстранетите) стакленички гасови во атмосферата на национално ниво, вклучувајќи ги и меѓународните емисии од авијација „Кјото кутија“. Емисиите се презентираат според видот на стакленички гасови и вклучуваат јаглерод диоксид CO2, метан CH4, азотни оксиди N2O, и т.н. F-гасови: HCF, NFRи SF6. Индикаторот, обезбедува информации за емисиите од секторите: енергија, индустриски процеси и користење на производи и отпад, исклучувајќи ги земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето (AFOLU).

Единици
  • ktCO2-eq.
Клучно прашање за политиката

Каков е прогресот на Република Севрна Македонија во однос на исполнување на националите и меѓународните барања кои се однесуваат на емисии на стакленички гасови?

Клучна порака

Збирните емисии и понирања на стакленички гасови (нето емисии) во 2019 година се проценети на 12902 Gg CO2-eq (вклучувајќи ги и шумарството и други употреби на земјиштето) (Слика 1). Слика 1 ја дава временската серија на емисии и понирања, како и нето емисиите (во CO2-eq), од 1990 до 2019 година. Значителни варијации во нето емисиите може да се забележат во 2000, 2007, 2012, 2017 и 2019 година, каде се забележува пораст на CO2 емисиите во секторот шумарство и други употреби на земјиштето (наместо смалување/понирање) како резултат на зголемената појава на шумски пожари. Емисиите на стакленични гасови во 2019 година се зголемени за 18,7% во споредба со 1990 година или 48,2% во споредба со 2016 година, најмногу поради тоа што наместо понори, има емисии од секторот Шумарство.

Ако не се земат предвид понирањата (или емисиите во годините со шумски пожари) од секторот Шумарство и други употреби на земјиштето, тогаш вкупните емисии на стакленички гасови во 2019 година се проценуваат на 11268 Gg CO2-eq (Слика 2). Најголем удел имаат емисиите од секторот Енергетика, со 75,4%% во 2019 година, по што следи секторот Земјоделство (без шумарство и други употреби на земјиштето) со 12,1%, секторот Индустриски процеси и користење на производи со 6,8% и секторот Отпад со 5,6% учество. Доминантното учество на емисиите од секторот Енергетика може да се забележи низ целата временска серија. Без секторот Шумарство и други употреби на земјиштето, во 2019 година вкупните емисии се намалени за 9,2% во споредба со 1990 година. Генерално, од 2012 година, евидентен е тренд на намалување на емисиите, достигнувајќи го најниското ниво од 10024 Gg CO2-eq во 2016 година, и покрај малите варијации во 2017 и 2019 година, поради зголеменото домашно производство на електрична енергија наместо увоз.

График 1. Емисии и понирања на стакленички гасови по сектори (во Gg CO2-eq)CSI 010 2022 MK_g1

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Четврт национален план за климатски промени кон Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (Извештај за националниот инвентар на стакленички гасови – ИЦЕОР-МАНУ), МЖСПП, UNDP, 2020, www.unfccc.org.mk, www.unfccc.org.mk
Оценка

Инвентарот на стакленички гасови за секторот Енергетика ги вклучува емисиите ослободени како резултат на активностите при кои се согорува гориво, како и фугитивните емисии при ископување/екстракција на цврсти горива и при пренос и дистрибуција на течни и гасни горива. Во овој извештај, емисиите се пресметани на два начина: Референтен пристап (од горе-надолу – анг. top-down) – користејќи ја евидентираната потрошувачка на гориво за да се процени протокот на јаглерод во и од земјата и Секторски пристап (од долу-нагоре – анг. bottom-up) – користејќи ја потрошувачката на горива по сектори. Eмисиите на CO2 со Референтниот пристап се проценети на 7.163 Gg CO2 во 2018 година и 8.202 Gg CO2 во 2019 година.

Емисиите според Секторскиот пристап се поделени по следните категории: Енергетски индустрии, Производствени индустрии и градежништво, Транспорт, Други сектори (Комерцијален/ Институционален, Домаќинства и Земјоделство/шумарство/рибарство/рибници) и Неспецифицирани. Дополнително се пресметани и Фугитивните емисии при екстракција на цврсти горива и при пренос и дистрибуција на течни и гасни горива. Според тоа, вкупните емисии на стакленички гасови во секторот Енергетика изнесуваат 7.429 Gg CO2-eq во 2018 и 8.501 Gg CO2-eq во 2019 година. Поголемиот дел од емисиите на стакленички гасови од овој сектор во 2019 година се од категоријата Енергетски индустрии (54%), потоа од Транспортот (27,7%) и од Производствените индустрии и градежништвото (12,6%). Другите две категории заедно учествуваат со 4% во вкупните емисии во 2019 година од секторот, додека останатите 2% се Фугитивни емисии. Речиси сите емисии за стакленички гасови во 2019 година се всушност емисии на CO2 (96,5%), а емисиите на CH4 и N2O изнесуваат само 2,8% и 0,7%, соодветно.

Емисиите на стакленички гасови од секторот Индустриски процеси и користење на производи (ИПКП) во Северна Македонија доаѓаат или од производствените индустрии или од употребата на супститути на супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка за ладење и климатизација. До 2000 година металната индустрија најмногу придонесуваше кон емисиите од овој сектор со доминантно учество на емисиите од производството на феролегури. По 2000 година кога употребата на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка во земјата почна да се зголемува, уделот на емисиите на стакленички гасови од Металната индустрија во вкупните емисиите на ИПКП секторот значително е намален (од 64% во 1990 година на 21% во 2016 година и речиси 12% во 2019 година), додека емисиите од Минералната индустрија варираат во текот на разгледуваниот период. Во последните три години кои инвентарот ги опфаќа употребата на супститути на супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка има пораст за околу 20% (во однос на 2016 година), што резултира со удел од речиси 36% емисии на стакленички гасови од секторот Индустриски процеси и користење на производи во 2019 година. Минералната индустрија има доминантен удел со 48% во 2016 година, 64% во 2017, 58% во 2018 и 52% во 2019 година. Емисиите од други категории како Хемиската индустрија, Не-енергетските производи и употреба на растворувачи, Електронската индустрија и Друго производство и употреба на производи не се карактеристични за Македонија.

Нивото на вкупните емисии на стакленички гасови од овој сектор е генерално конзистентно во текот на целиот период од 1990 – 2019. Вкупните емисии од IPPU секторот достигнуваат 763 Gg CO2-eq, односно 18,2% намалување во однос на 1990 година или благо намалување од 0,7% во споредба со 2016 година.

Емисиите на стакленички гасови од секторот Земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето ги опфаќаат емисиите кои се поврзани со Сточарството, Шумарството и Користење на земјиштето. Како резултат на активностите поврзани со Сточарското производство се емитираат CH4 и N2O. Дополнително, емисиите на N2O се последица на складирањето, преработката и управувањето со арското ѓубре (измет). Емисиите на стакленички гасови како резултат на активностите поврзани со сточарското производство варираат во опсег од 11300,4Gg CO2-eq во 20000 година до најниските 2125,12 Gg во 2014 година, проследено со значителни варијации во периодот од 2015 до 2019 година, што се должи на годишните промени на емисии од шумското земјиште. Главниот извор на емисии во секторот Земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето е Сточарството. Говедата се примарен извор на стакленички гасови кај преживарите. Поголемиот дел од емисиите на метан се предизвикани од ентерична ферментација (приближно 80%), додека управувањето со ѓубриво придонесува со само 15-18% од вкупните емисии на CH4.

Во потсекторот Земјишта, шумарството е главен апсорбент на стакленичките гасови во Македонија, со исклучок на неколку години, кога појавата на шумски пожари (опожарена површина) била значително поголема од вообичаениот годишен просек. Во текот на годините шумското земјиште, застапеноста на различните типови шуми (листопадни, зимзелени и мешани), како и шумскиот прираст и сеча се релативно стабилни. Земјиштето како дел од ЗШДУЗ, и поконкретно, Шумарство, во повеќето случаи се значајни понори на стакленички гасови. Во некои години од временската серија, забележително е апсорбирање на стакленички гасови, поточно во 2005 година, (-2230,5 Gg CO2-eq), 2014 година (-3382,2 Gg CO2-eq) и 2018 година (-2255,4 Gg CO2-eq). Истовремено, годините во кои има појава на значителен број на шумски пожари и големи опожарени површини придонесуваат за зголемување на емисиите на стакленички гасови (2000 година со 9842,7 Gg CO2-eq, 2017 година со 1133,2 Gg CO2-eq и 2019 година со 1059,59 Gg CO2-eq).

Останатото земјиште, како Обработливо земјиште, Тревни површини, Населени места и Друго земјиште, учествува во емисиите на CO2. Во одредени периоди, како што е од 2016 до 2019 година може да биде и извор со значителен процент на емисии на стакленични гасови. Овие емисии се главно резултат на конверзијата на категоријата употреба на земјиште од една во друга, во случаи каде значителни количини на над и подземјишна биомаса е отстранета за кратко време, по што се смета за директна загуба. За останатите земјишта кои остануваат под иста категорија како и употребата на земјиште, емисиите и понорите се во рамнотежа (Tier 1) и се сметаат за јаглеродно неутрални.

За изворите на емисии на гасови кои не се CO2 може да се заклучи дека постојат бројни практики за управување и податоци кои резултираат со значајни количини на емисии на стакленички гасови, каде вкупните емисии се разликуваат во мали граници. За споредба во периодот 1990-2016 година, кога вкупните емисии на стакленички гасови се во опсег од 307,8 Gg CO2-eq во 2000 година до 369,1 Gg CO2-eq, во 2016 година. Во последните три години од анализираниот период (2017-2019 година), постои сериозно зголемување на емисиите од извори кои не се СО2, особено во категориите: директни и индиректни емисии од управувани почви и управување со ѓубриво. Нема сериозни промени во севкупниот тренд на емисии за другите два вида примена на уреа без емисии на CO2 и одгледување ориз. Значаен извор на не-CO2 гасови се обравотените почви, чие учество во вкупните емисии на CO2-eq од ЗШДУЗ (без понори од Шумарство) се движи во опсег од 17,11% во 2000 година, до 29,37% во 2017 година.

Категории кои спаѓаат во секторот Отпад се: Депонии за цврст отпад, Биолошки третман на цврст отпад, Согорување и отворено горење на отпад и Третман и испуштање на отпадни води. Форматот на податоци е конзистентен со претходните години со цел континуитет на постојната временска серија, со исклучок на секторите каде беа воведени нови податоци за прв пат.

Пресметките покажуваат дека секторот Отпад е еден од секторите кој бележи нагорен тренд на емисии на стакленички гасови постигнувајќи 635 CO2-eq во 2019 година, 56% повеќе во споредба со 1990 година или 5% повеќе во споредба со 2016 година. Помеѓу сите сектори, најзначајни се емисиите од Депониите на цврст отпад кои учествуваат со 80% од вкупните емисии во 2019 година. Втора категорија со висок процент на емисии на стакленички гасови е Третманот и испуштањето на отпадните води кој учествува со 17% во 2019 година. Емисиите од Согорување и отворено горење на отпад претставуваат 3,6% од вкупните емисии од отпад во последните пет години кои се разгледуваат во инвентарот. Емисиите на CH4 и N2O од Биолошки третман на цврст отпад не придонесуваат за зголемување на вкупните емисии поради недостаток на информации за компостиран отпад. Во последните три години од временската серија емисиите на CH4 сочинуваат околу 92% од вкупните емисии на стакленични гасови, додека емисиите на N2O и CO2 учествуваат со 7% и 1% соодветно.

Прекурсорите и индиректните емисии беа проценети во согласност со Прирачникот на EMEP/EEA методологијата за подготовка на инвентари на конзистентен, целосен и споредлив начин, за целата временска серија на националниот инвентар во периодот 1990 – 2019 година. Резултатите за прекурсорите и индиректните емисии покажуваат зголемување од 16,9% и 31,8% во 2019 година во споредба со 1990 и 2016 година, соодветно (Слика 4). Во просек емисиите се околу 200 Gg/year, но се забележува пораст во 2000, 2007, 2008, 2011 и 2012 година како резултат на шумските пожари. Најголем пораст има во 2000 година, односно 380 Gg. Eмисиите на SO2 учествуваат со околу 50% во текот на целата временска серија, но во последните пет години уделот е под 40% како резултат на намалено производство на електрична енергија од лигнит, како и од промена на гориво (мазутот користен за произвоство на топлинска енергија е заменет со природен гас). Потоа следат емисиите на CO со 30% и нагорен тренд во годините со шумски пожари и развојот на патниот сообраќај. Почнувачќи од Третиот двогодишен извештај, во инвентарот е се вклушени и емисиите на NH3, кој учествува со околу 6% во текот на временската серија.

График 2. Емисии на NOx, CO, NMVOC, SO2 и NH3 (во Gg)CSI 010 2022 MK_g2

Секторската анализа на вкупните емисии на прекурсори и индиректни гасови покажува дека секторот Енергетика има најголем удел во овие емисии, со исклучок на емисиите на NH3. Во 2019 година речиси сите емисии на SO2 и NOx, односно 99,1% и 91,7%, соодветно, потекнуваат од секторот Енергетика. Истовремено, секторот Енергетика учествува и со 54,6% емисии на CO и 60,6% емисии на NMVOC. ЗШДУЗ е втор сектор чиј удел на емисии на NH3 е 94% и учествува со 33,4% емисии на NMVOC и 40,4% емисии на CO. Секторот Отпад учествува со 3,7% емисии на CO како последица од отворено горење на отпад.

Анализата на клучни категории кои најмногу придонесуваат во апсолутното ниво на националните извори и понори на емисии (проценка на ниво) и во трендот на извори и понори на емисии (проценка на тренд) е извршена користејќи го Пристапот 1. Според овој пристап, клучните категории се идентификуваат со претходно утврден праг на кумулативни емисии. Клучни категории се оние кои собрани заедно во опаѓачки редослед по големина опфаќаат сѐ до 95% од вкупното ниво/тренд.

Проценка на нивото на клучните категории е направена за 1990 како почетна и 2019 година, како последна година. Првите пет категории со најголеми вредности на извори и понори на емисии изразени со Gg CO2-eq се: Енергетски индустрии – цврсти горива (31%) (сектор Енергетика), Патен сообраќај (17,5%) (сектор Енергетика), Шумско земјиште во континуитет (8,7%) (сектор ЗШДУЗ), Ентерична ферментација (4,8%) (сектор ЗШДУЗ), Депонии за цврст отпад (3,9%) (сектор Отпад) и Производствени индустрии и градежништво – цврсти горива (3,9%) (сектор Енергетика). Обично, категоријата Шумско земјиште е релевантна за понорите, но проценките за 2019 година покажуваат емисии од оваа категорија поради шумски пожари.

Исто така извршена е и проценка на трендот на клучните категории, земајќи ја 1990 година како основна година и 2019 година како последна година од инвентарот. Целта на оваа проценка на трендот е да се истакнат категориите чиј тренд е значително различен од трендот на целокупниот инвентар, без разлика дали трендот на категоријата е растечки или опаѓачки или истата е извор или понор на емисии. Резултатите покажуваат дека Енергетски индустрии – цврсти горива учествуваат со 25,7%, потоа Шумско земјиште во континуитет учествува со 19,4%, Патен сообраќај со 11%, Производствени индустрии и градежништво – течни горива со 8,5% и Други сектори – течни горива со 5,1%.

Цели

За да се постигне ефективно намалување на емисиите од стакленички гасови, поставени се секторскицели за намалување на емисиите соодветно, и истите се поставени за 2030 година, во однос наемисиите од 1990:

  • Енергетика – 66% намалување на емисиите на стакленички гасови
  • Индустриски процеси и употреба на производи – 45% зголемување на емисиите на стакленички гасови
  • Земјоделство – 29% намалување на емисиите на стакленички гасови
  • Шумарство и користење на земјиште – 95% раст на понори
  • Отпад – 21% намалување на емисите на стакленички гасови
Обврска за известување
  • UNFCCC
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Климатски промени Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Вода, Природа, Земјоделство, Шумарство, Отпад,Енергија, Здравство
Код на индикаторот MK НИ 010 Временска покриеност 1990-2019
Име на индикаторот Емисии на стакленички гасови Извор на податоци Трет двогодишен извештај за климатски промени кон UNFCCC, (Извештај за Ублажување на климатките промени – ИЦЕОР-МАНУ), МЖСПП, UNDP, 2019
Класификација по ДПСИР П Датум на последна верзија 28.05.2019
Тип Б Подготвено/ажурирано од: Јасмина Пислевиќ
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
j.pislevikj@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 010 Емисии на стакленички гасови EEA – Европска агенција за животна средина IND-37/CSI 010, CLIM 050 Total greenhouse gas (GHG) emission trends and projections
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа B3/28-29 Greenhouse gas emissions
Каталог на индикатори за животна средина 43 – Total greenhouse gas (GHG) emission trends and projections
SDG – Цели за одржлив развој 13, 13.10 Eurostat Greenhouse gas emissions
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не
Последна измена:  вторник декември 13th, 2022