ЕМИСИЈА НА ОСНОВНИ ЗАГАДУВАЧКИ СУПСТАНЦИ – АЗОТНИ ОКСИДИ ИЗРАЗЕНИ КАКО АЗОТ ДИОКСИД (NOx) |
Овој индикатор ги следи трендовите на емисии на азотни оксиди во воздухот, изразени како азот диоксид.
- kt/година (килотони на година)
Каков прогрес е направен во редукција на вкупните емисии на азотни оксиди изразени како азот диоксид во Република Северна Македонија?
Во 1990 година вкупните национални емисии на NOx изнесуваа 45.47 kt. Во 2020 година емисиите изнесуваат 19.94 kt и се намалени за 56% споредено со 1990 година, што претставува значителен напредок во намалувањето на вкупните емисии на NОx.
Значителнонамалување на вкупните емисии на азотни оксиди се забележува почнувајќи од 2013 година со модернизација на РЕК Битола, како и редуцирана работа на термоелектраната РЕК Осломеј во последните неколку години и намалената потрошувачка на јаглен за производство на електрична енергија, а потоа и во 2014 година како резултат на значителното намалување на емисијата на азотни оксиди од транспортот (како резултат на примена на методологија на пресметка на емисиите на ниво 2 додека за претходните години пресметките се вршени во примена на методологија на ниво 1) , а исто така и намалување на емисиите од согорувањето во производствените индустрии и градежништвото.
Кои различни сектори и процеси имаат учество во емисиите на азотни оксиди?
Главен извор на емисии на NOx во 2020 година е NFRкатегоријата1.А.3 – Транспорт со удел од 40.3%, по што следуваат категориите 1.А.2 – Согорување од производни индустрии и градежништво и 1.А.1 – Производство на енергија со удели од 27.0% и 21.7%, соодветно. NFRкатегоријата 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, комерцијален, административен) во вкупните емисии на азотни оксиди учествува со удел од 7.8%, додека останатите категории имаат помал или незначителен удел во вкупните емисии на азотни оксиди.
Максимална вредност на вкупни национални емисии на NOx е забележана во 1990 година и таа изнесува 45.5 kt. Во 2020 година вкупните емисии изнесуваат 19.94 kt, што претставува историски најниска годишна вредност, и во однос на 1990 година се намалени за 56%, додека во однос на 2019 година се намалениза 13%.
Трендот на емисии на NOx во периодот 1990-2020 година е даден на следниот графикон.
Графикон 1. Тренд на вкупни емисии на азотни оксиди изразени како азот диоксид во периодот 1990-2020 година
Може да се забележи променлив тренд со опаѓачки карактер започнувајќи од 2011 година. Причините за намалувањето на емисиите во последните години се должи на значително намалените емисии на NOx од индустријата за производство на енергија заради намалениот обем на работа на РЕК Осломеј, модернизација на котлите на РЕК Битола и намалената потрошувачка на јаглен и мазут во производството на електрична енергија.
Заради стариот возен парк (околу 56% од автомобилите припаѓаат на ЕУРО класа 0-3) нема значителни редукции на емисија на овие загадувачки супстанци од патниот сообраќај. Воедно треба да се напомене дека заради расположливост на детални податоци за возниот парк за последните неколку години за период 2014-2020 година се применува методологија на пресметка на емисиите на ниво 2, додека за претходните години пресметките се вршени во примена на методологија на ниво 1. Поголем прогрес во редукција на емисиите на NOx се очекува со обновување на возниот парк и подобрување на јавниот превоз што и се забележува во 2020 во споредба со 2019 година. Исто така, во тек е процес на издавање на А-дозвола за усогласување со оперативен план од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за РЕК Битола во која ќе бидат дадени активности за дополнително намалување на емисиите на азотни оксиди преку процес на модернизација на блокот 1 од термоелектраната, со што истата целосно ќе биде усогласена со ГВЕ за азотни оксиди.
Уделот на NFRкатегориите во вкупните емисии на NOx за 2020 година може да се увиди од приказот на Графикон 2.
Графикон 2: Удел во вкупните национални емисии на NOx по NFR категорииво 2020 година
На следниот графикон е прикажан тренд на емисии на азотни оксиди изразени како азот диоксид во периодот 1990-2020 година по NFR категории.
Графикон 3. Eмисии на NOx по NFR категории на годишно ниво во периодот 1990-2020 година
Имајќи предвид дека азотните оксиди се еден од производите при процесот на согорување на горивата, во целиот период 1990-2020 година во вкупните емисии на овие загадувачки супстанци изразени како азот диоксид најголем удел имаат три NFR категории, и тоа: 1.А.1- Производство на енергија, 1.А.2 – Согорување во производни индустрии и градежништво и 1.А.3 – Транспорт. Во 1990 година овие категории учествуваа во вкупните емисии на NOx со удели од 53%, 20% и 21% соодветно, додека во 2020 година емисиите се намалени за 82%, 42% и 16%, соодветно од секоја од наведените категории, споредено со 1990 година, при што уделот на секоја од овие категории во вкупните емисии на азотни оксиди во 2020година изнесува 22%, 27% и 40% соодветно.
Во периодот 1990-2012 година најголем удел со приближно околу 50% во вкупните емисии на NOx има категоријата 1.А.1 – Производство на енергија во која спаѓаат инсталациите запроизводство на електрична енергија, топланите за производство на топлина за домаќинствата како и рафинеријата за нафта. Генерално трендот на вкупните емисии на NOx го следи трендот на емисиите од оваа NFR категорија. Падот на емисиите во 1991 година во однос на 1990 година како и флуктуациите (зголемувања и намалувања) со текот на годините главно доаѓаат од РЕК Битола и РЕК Осломеј, односно заради количеството на јаглен кое се согорува т.е вкупната влезна топлотна моќ на горивото изразена во TJ.
Во периодот 2014-2020 година се забележува, прво, натамошно намалување на вкупните емисии на NOx споредено со 2013 година и второ, мала разлика во годишните емисии на NОx. РЕК Осломеј работеше од еден до три месеци во секоја година во овој период. Исто така, во 2014 година целосно со работа запре и рафинеријата за нафта. Во 2020 година емисиите на азотни оксиди се на историски минимум и изнесуваат 19.94 ktи споредено со 2019 година се намалени за 13% пред се како резултат на намалените емисии од NFRкатегориите1.А.1 Производство на енергија (Јавна енергетика и електрани) за 24% и 1.А.3 Транспорт за 20%.
Во однос пак на постигнатите цели во 2020 година, емисиите на NOx се под националната граница плафони дефинирана во Гетеборшкиот протокол и Правилникот за национални граници-плафони. На следниот графикон е дадена споредба на националните емисии на NOx во период 2018-2020 година со горната граница-плафон за 2010 година.
Графикон 4. Споредба на националните емисии на NOx во период 2018-2020 година со горната граница-плафон за 2010 година
Од дадениот приказ може да се заклучи дека во последните три години, националната граница-плафон за NOx од 39 kt не е надмината.
Според прикажаните годишни пресметани емисии Република Северна Македонија е во согласност со Гетеборшкиот протокол и националното законодавство во однос на овие загадувачки супстанци.
Во однос на Протоколот кон Конвенцијата за далекусежно прекугранично загадување на воздухот од 1979 година за контрола на испуштањето азотни оксиди или нивно прекугранично пренесување, според кој емисиите во годината n-2 (каде n e тековната година) треба да не ги надминуваат емисиите во базната година (која за нашата земја е 1987 година) нашата земја е во согласност со овој протокол во однос на пресметаните емисии за 2020 година.
Согласно Националниот план за намалување на емисиите (NERP) вкупниот плафон за NOx за 2020 изнесува 12672 kt, што значи дека во однос на пресметаната вредност на емисиите на азотни оксиди од големите согорувачки постројки за 2020 година, вкупниот плафон не е надминат.
Опфат на податоци: excel_1, excel_2
Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање
Користените податоци се вкупните национални емисии и емисиите категоризирани по NFR категории кои ЕЕА земјите членки и земјите соработнички ги доставуваат до ЕЕА и Секретаријатот на Обединетите Нации. Податоците се достапни по земја на следната веб страна: https://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/inventories/envyixaja.Податоците користени во овој извештај се во согласност со испратените податоци.
- Методологија за пресметка на индикаторот
Методологијата на пресметка на овој индикатор се базира на пресметани национални емисии и емисии по NFR категории на овие загадувачки супстанци кои се репортирани до ЕЕА (Европска агенција за животна средина) и UNECE/EMEP (Економската програма на Обединетите Нации за Европа/ Кооперативната програма за мониторинг и евалуација за прекуграничен пренос на аерозагадување кон Конвенција за прекуграничен пренос на аерозагадувањето).
Пресметките се во согласност со Упатствата на ЕМЕП/ЕЕА за инвентаризација на емисии во воздухот од 2009, 2013, 2016 и 2019 година. Во упатството се дадени емисиони фактори кои се користени во пресметките со исклучок на енергетскиот сектор каде пресметките се направени со користење на национални специфични фактори или примена на податоците од извршените мерења за период 2008-2020 година за оваа загадувачка супстанца за NFR категоријата 1А1а, кој се однесува за постројки за производство на електрична и топлинска енергија.
- Извор за користената методологија
Методологијата која се користеше при пресметка и приказ на овој индикатор е дадена во EMEP/EEA Упатствата за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух од 2009, 2013, 2016 и 2019 година кои можат да се најдат на следните линкови (http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2009, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2013, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2016 и https://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2019).
Во согласност со барањата од националните и меѓународните документи во однос на емисијата на азотни оксиди зацртани се следните цели:
- Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на загадување на воздухот
- воведена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатството за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот, која како цел има редовна инвентаризација на азотни оксиди, изразени како NO2, во килотони на година, по принципот n-2, каде n е тековната година.
- Директива 2001/81/ЕC, Гетеборшки протокол и Правилник за количините на горните граници-плафоните на емисиите на загадувачките супстанции со цел утврдување на проекции за одреден временски период кои се однесуваат на намалувањето на количините на емисиите на загадувачките супстанции на годишно ниво
- национална граница – плафон за емисиите на азотни оксиди изразени како азот диоксид од 39 килотони
- Протоколот во врска со понатамошното намалување на емисиите на азотни оксиди
- емисиите во годината n-2 (каде n e тековната година) не треба да ги надминуваат емисиите во 1987 година.
- Согласно договорот со Енергетска заедница усвоен е Националниот план за намалување на емисиите (NERP) од LCP (Големи согорувачки постројки), кој ги воведува следните плафони за емисиите на азотни оксиди:
- 15505 тони за 2018 година.
- 14088 тони за 2019 година.
- 12672 тони 2020 година.
- 11255 тони за 2021 година.
- 9838 тони за 2022 година.
- 8422 тони за 2023 година.
- 7674 тони за 2024 година.
- 6927 тони 2025 година.
- 6179 тони за 2026-2027 година.
- Обврските за известување кон меѓународни договори -Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на аерозагадувањето, како и ЕЕА
- Обврска за известување до Енергетската заедница согласно наведени национални плафони за прашина, NOxи SOxза период 2018-2027 година произлезени од Националниот план за намалување на емисиите од големи согорувачки постројки (NERP).
- Годишен извештај од обработени податоци за животна средина.
Тема | Воздух | Поврзаност со други теми/сектори | Климатски промени, Земјоделство, Домаќинства, Енергија, Транспорт, Здравство, |
Код на индикаторот | MK НИ 050 – 2 | Временска покриеност | 1990-2020 |
Име на индикаторот | Емисија на основни загадувачки супстанци – азотни оксиди (NOx) | Извор на податоци | Министерство за животна средина и просторно планирање, Инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот за период 1990-2018 година |
Класификација по ДПСИР | П | Датум на последна верзија | 08.07.2022 |
Тип | Б | Подготвено/ажурирано од: | Павле Малков Александра Н.Крстеска |
Фреквенција на публикување | Годишно | Контакт | e-пошта: p.malkov@moepp.gov.mk a.krsteska@mopepp.gov.mk |
МК НИ 050-2Емисија на основни загадувачки супстанци – азотни оксиди (NOx) | EEA – Европска агенција за животна средина | IND-366/CSI 040, AIR 005 Emissions of the main air pollutants in Europe |
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа | A1/2 – Emissions of pollutants into the atmospheric air | |
Каталог на индикатори за животна средина | 32 – Emissions of the main air pollutants in Europe (EEA_CSI040/APE010) | |
SDG – Цели за одржлив развој | 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution 9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added 11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted) |
|
GGI – Индикатори за зелен раст | да | |
Кружна економија | не |