ЕМИСИЈА НА ТЕШКИ МЕТАЛИ – Никел (Ni) |
Овој индикатор ги следи трендовите на никел (Ni).
- t/година (тони на година)
Каков прогрес е направен во редукција на вкупните емисии на никелот во Република Северна Македонија?
Во 1990 година вкупните национални емисии на Ni изнесуваа 3.08 t. Во 2020 година емисиите изнесуваат 0.98 t и се намалени за 68% споредено со 1990 година што претставува значително голем напредок во намалувањето на вкупните емисии на никел.
Ова намалување произлегува од намалената потрошувачка на фосилни горива во производство на електрична енергија и намалениот капацитет на работа на термоелектраната Рек Осломеј и неработењето на ТЕЦ Неготино и рафинеријата Окта.
Кои различни сектори и процеси имаат учество во емисиите на Ni?
Најголемо учество во вкупните емисии на Ni во 2020 година имаaт NFR категориите 1.А.1 – Производство на енергија и 1.А.4 -Други сектори (домаќинства, комерцијал ни и административни капацитети) со удели од 56% и 29%, соодветно. Потоа следуваат категориите 2 – Индустриски процеси со 8% и 1.А.2 – Согорување во производни индустрии и градежништво со 6%. Останатите NFR категории се помали или незначителни извори на емисии на Ni.
Вкупните национални емисии на Ni во 1990 година изнесуваа 3.08 t. Во 2020 година вкупните емисии изнесуваат 0.98 t и во однос на 1990 година се намалени за 68%, додека во однос на 2019 година се намалени за 9%.
Трендот на вкупните годишни емисии на Ni во периодот 1990-2020 година може да се подели генерално на три дела: период 1990-1994 со општо опаѓачки тренд со исклучок на растечкиот пик во 1993 година, потоа периодот 1994-2012 година со генерално растечки тренд со одредени помали или поголеми флуктуации и периодот 2012-2020 со општо опаѓачки тренд.
Трендот на емисии на никелот е прикажан на следниот графикон.
Графикон 1. Тренд на вкупни емисии на Ni во периодот 1990-2020 година
Уделот на одделните NFR категории во вкупните емисии на Ni за 2020 година е прикажан на Графикон 2.
Графикон 2: Удел во вкупните национални емисии на Ni по NFR категории во 2020 година
Може да се забележи дека во 2020 година, доминантни се два извора на емисии на никел и тоа NFR категориите 1.А.1 – Производство на енергија и 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, комерцијални и административни) со удели од 56.2% и 28.8%, соодветно, во вкупните емисии на никел.
И покрај тоа што денес се јавуваат два доминатни извори во деведесетитте клучeн и доминантен извор е производството на електрична енергија. Различниот удел на изворите на емисија на никел може да се забележи од следниот графикон.
Графикон 3. Eмисии на Ni по NFR категории на годишно ниво во периодот 1990-2020 година
Историски гледано најголемо учество во емисиите на никел во целиот период 1990-2020 година има NFR категоријата 1.А.1 – Производство на енергија, пред се преку согорувањето на мазут во Рафинеријата за нафта, термоелектраните за производство на електрична енергија и топланите за производство на топлина и може да се каже дека трендот на вкупни емисии на Ni генерално го следи оној од оваа NFR категорија. Од 2012 година се забележува голем пад во емисиите заради преполовеното работење на рафинеријата за нафта и во 2014 година престанок на нејзиното производство и речиси целосното преминување на работењето на топланите од мазут на природен гас.
Помало учество, исто така историски гледано, во вкупните емисии на никел има NFR категоријата 1.А.4 – Други сектори како резултат на согорување на течни горива кај домаќинствата и административните објекти.
NFR категоријата 1.А.1 – Производство на енергија во вкупните емисии на Ni во 1990 година учествуваше со 82%, додека во 2020 година, нејзиниот удел изнесува 56%. Во 2020 година емисиите од оваа NFR категорија во однос на 1990 година се намалени за 78% (пред се заради неработењето на рафинеријата за нафта и преносот на работа на топланите за производство на топлина од мазут на природен гас), додека во однос на 2019 година се зголемени за 2%, заради поголемото количество на согорен мазут во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј. Целиот период 1990-2020 година во однос на емисиите на Ni од оваа NFR категорија може да се подели на два дела: периодот 1990-2012 година кога се забележуваат најголеми вредности, по апсолутна вредност, на емисиите на никел кога работи рафинеријата за нафта, топланите за производство на топлина работат на мазут и термоелектраните за производство на електрична енергија исто така користат мазут. Вториот период е периодот 2013-2020 година, кога се забележува голем пад на емисиите на никел, кога рафинеријата за нафта прекинува со своето производство (во 2014 година) и сите топлани за производство на топлина за домаќинствата во своето производство користат природен гас. Единствено термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и претходно, за потребите на своето производство користат мазут и во овој период емисиите на никел доаѓаат главно од нив.
NFR категоријата 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, комерцијални и административни капацитети) во вкупните емисии на Ni во 1990 година учествуваше со 11%, додека во 2020 година, нејзиниот удел изнесува29%. Во 2020 година, емисиите од оваа категорија во однос на 1990 година се намалени за 18%, а во однос на 2019 година се намалени за 16% заради намаленото користење на мазут од од овие извори.
Останатите NFR категории се помали или незначителни извори на емисии на Ni.
Во однос на исполнување на барањата од зацртаните цели согласно националните и меѓународните документи може да се заклучи следното: направена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатството за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух, која како цел има редовна инвентаризација на Ni, во тони на година, во период 1990 – (n-2), каде n е тековната година. Известувањето за оваа загадувачка супстанца не е задолжително туку е на доброволна основа.
Опфат на податоци: excel_1, excel_2
Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање
Користените податоци се вкупните национални емисии и емисиите категоризирани по NFR категории кои ЕЕА земјите членки и земјите соработнички ги доставуваат до ЕЕА и Секретаријатот на Обеденитетите нации. Податоците се достапни по земја на следната веб страна:https://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/inventories/envyixaja. Податоците користени во овој извештај се во согласност со испратените податоци.
- Методологија за пресметка на индикаторот
Методологијата на пресметка на овој индикатор се базира на пресметани национални емисии и емисии по NFR категории на оваа загадувачка супстанца кои се репортирани до ЕЕА (Европска агенција за животна средина) и UNECE/EMEP (Економската програма на Обединетите нации за Европа/ Кооперативната програма за мониторинг и евалуација за прекуграничен пренос на аерозагадување кон Конвенција за прекуграничен пренос на аерозагадувањето).
Пресметките се во согласност со Упатствата на ЕМЕП/ЕЕА за инвентаризација на емисии во воздухот од 2009, 2013, 2016 и 2019 година. Во упатствата се дадени емисиони фактори кои се користени во пресметките со исклучок на енергетскиот сектор каде пресметките се направени со користење на национални специфични фактори или примена на податоците од извршените мерења за период 2008-2020 година за оваа загадувачка супстанца за NFR категоријата 1.А.1.а, кој се однесува за постројки за производство на електрична и топлинска енергија.
- Извор за користената методологија
Методологијата која се користеше при пресметка и приказ на овој индикатор е дадена во EMEP/EEA Упатствата за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух од 2009, 2013, 2016 и 2019 година кои можат да се најдат на следните линкови (http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2009, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2013, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2016 и https://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2019).
Во согласност со барањата од националните и меѓународните документи во однос на емисијата на никел (Ni) зацртани се следните цели:
- Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на загадување на воздухот
- воведена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатството за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух, која како цел има редовна инвентаризација на Ni, во тони на година, во период 1990 – (n-2), каде n е тековната година.
- Обврските за известување кон меѓународни договори-Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP), како и Европската агенција за животна средина (ЕЕА)
- Годишен извештај од обработени податоци за емисии во воздухот
- Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Тема | Воздух | Поврзаност со други теми/сектори | Домаќинства, Отпад, Енергија,Транспорт, Здравство,Индустрија |
Код на индикаторот | MK НИ 063 – 5 | Временска покриеност | 1990-2020 |
Име на индикаторот | Емисии на тешки метали – никел (Ni) | Извор на податоци | Министерство за животна средина и просторно планирање, Инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот за период 1990-2018 година. |
Класификација по ДПСИР | П | Датум на последна верзија | 27.07.2022 |
Тип | А | Подготвено/ ажурирано од: | Павле Малков Александра Н.Крстеска |
Фреквенција на публикување | Годишно | Контакт | e-пошта: p.malkov@moepp.gov.mk А.Krsteska@moepp.gov.mk |
МК НИ 063-5Емисија на тешки метали – никел (Ni) | EEA – Европска агенција за животна средина | нема еквивалент |
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа | нема еквивалент | |
Каталог на индикатори за животна средина | нема еквивалент | |
SDG – Цели за одржлив развој | 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution 9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added 11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted) |
|
GGI – Индикатори за зелен раст | да | |
Кружна економија | не |