(24.03.2016г.)Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, проф. д-р Блажо Боев, денеска, во Штип, потпишаа договори за финансирање на проектите: „Персонална експозиција на респирабилни цврсти честички на урбаната популација во Скопје и Тетово“ и „Мониторинг и мапирање на нивото на бучава во урбани средини“.
– Со денешното потпишување на договорите, Министерството за животна средина ја продлабочува научната соработка со сите универзитети и научни установи во нашата држава, која во иднина ќе се интензивира со цел да се поддржат сите добри иницијативи и проекти кои ќе придонесат за заштита и унапредување на животната средина – изјави во таа прилика министерот Изаири.
Ректорот Боев во своето обраќање изрази задоволство што на неговиот Универзитет му се дава можност да ги употреби своите капацитети во сеопфатната Програма на Министерството за подобрување на животната средина.
Во рамки на проектот „Персонална експозиција на респирабилни цврсти честички на урбаната популација во Скопје и Тетово“, во период од една година ќе се испитува влијанието на штетните честички во воздухот врз здравјето на луѓето, како во летниот период, така и во зимскиот, кога присуството на магла, поинтензивното користење на автомобили и загревањето на домовите, дополнително ја зголемуваат загаденоста на воздухот во Скопје и Тетово. Податоците од реализација на овој проект ќе помогнат полесно да се дефинираат мерките што треба да се преземат за обезбедување на чист амбиентален воздух.
Проектот „Мониторинг и мапирање на нивото на бучава во урбани средини“ подразбира собирање и обработка на податоци од оваа проблематика со цел поуспешно преземање мерки и активности за избегнување, спречување или намалување на бучавата.
Во рамки на настанот за потпишување на договори, министерот Изаири и државниот секретар при Министерството, д-р Соња Лепиткова, ја посетија и истражувачката лабораторија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.