(30.09.2020г.) Денес и утре, во Берлин, на покана на германскиот министер за животна средина Свења Шулце се одржува неформален состанок на министрите за животна средина и клима на ЕУ на која учествуваат министрите за животна средина на државите членки на ЕУ и на низа други држави и претставници на институциите на ЕУ меѓу кои е и македонската делегација предводена од министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Агендата на првиот ден на состанокот е фокусирана на прашањата на биодиверзитетот, загубите на биолошката разновидност, деструкција на природата во контекст на превенција на пандемијата и научените лекции од кризата COVID-19 и за климатската политика, особено приказ на влијанието од ревидираната цел на ЕУ за 2030г.
Состанокот има за цел да овозможи размена на мислења за врската помеѓу загубата на биодиверзитет и пандемијата на коронавирусот и да се разговара за предлогот на Европската комисија за зголемување на климатската цел на ЕУ 2030 на најмалку 55% во споредба со нивото од 1990 година.
Вториот ден, министрите за животна средина и клима на ЕУ ќе имаат уште една можност да ги разгледаат детално предлозите на Европската комисија за климатски активности на работна сесија и да разговараат за претстојните одлуки за подигнување на климатската цел на ЕУ 2030 и на ЕУ Закон за клима.
На состанокот, преку неформални дискусии, министерот Нуредини даде осврт на тековните активности за заштита на биодиверзитетот и климатските политики, ревидираните национали придонеси и Долгорочната стратегија и Закон на климатска акција на национално ниво.
На маргините на настанот, министерот Нурдини одржа повеќе билатерални средби. Со генералниот секретар за животна средина и води на грчкото Министерство за животна средина и енергија Константинос Аравосис разговараше за имплементацијата на Договорот за заштита и одржлив развој на Преспа Паркот, во правец на информирање за досегашните и идните активности, како и начините на зајакнување на прекуграничната соработка во оваа област. Се разменија мислења и во однос на развивањето на прекуграничната соработка за заштита од поплави во сливот на река Вардар преку INTERREG програмата на ЕУ за прекугранична соработка, во која Грција е носител на проектот, а партнери од македонска страна се МЖСПП и Дирекцијата за заштита и спасување. Во разговорите се отвори и прашањето и можностите за учество на грчки компании во т.н. „зелени инвестиции“.
Фокусот на разговоротсо државниот секретар во германското Федерално министерство за животна средина, заштита на природа и нуклеарна безбедност Јочен Фласбарт беше ставен на германската помош во делот животна средина во евроинтегративните процеси на Северна Македонија, а сотурскиот министер за животна средина и просторно планирање Мурат Курум разменија мислења за потребата и можностите зазеленување на градовите и за идната соработка.
Исто така, билатерна средба министерот Нуредини оствари и со австриската федерална министерка за климатска акција, животна средина, енергија, мобилност, иновации и технологија Леонор Гевеслер, при што разговараа за продлабочување на соработката со Австриската агенција за животна средина на техничко ниво и потенцијална поддршка во формирање Агенција за животна средина во нашта држава.