(12.03.2019г) Денеска, во Скопје, се одржа 15-тиот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој на ЕУ, на кој се разговараше за прогресот, предизвиците и идните акции во овие области.
Со состанокот, на кој раководниот кадар на Министерството за животна средина и просторно планирање реферираше за напредокот по области, претседаваше заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Тој истакна дека активностите на Поткомитетот веќе донесуваат позитивни резултати во облик на забележителен прогрес и нови перспективи во опфатените области, а во тек е процесот на усогласување со и усвојување на правото на Европската Унија.
– Поткомитетот во голема мерка е заслужен за воспоставување на плоден дијалог меѓу нашата држава и Европската комисија во областите транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој. Прогресот што е постигнат во последните години е резултат на заеднички напори да се забрза интеграцијата кон ЕУ, апроксимацијата на националното со европското право и зајакнување на нашите административни капацитети – изјави заменик министерот Макрадули во воведно обраќање.
Делегацијата од ЕУ е предводена од Мари-Тереза Моран од Генералниот директорат за проширување и соседска политика на Европската комисија, која истакна дека овие состаноци имаат за цел не само да се утврди што е досега направено, туку и да се даде рамка како понатаму да се делува, а воедно и да се идентификуваат предизвиците со кои треба да се соочи Поткомитетот во однос на наведените области.