Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова оствари прва протоколарна средба со амбасадорот на Јапонија во нашата држава Н.Е. Оцука Казуја.
На средбата се разговараше за областите на животната средина што се од заеднички интерес и можностите за развивање на соработката.
Министерката Шукова го информираше амбасадорот Казуја за активностите на Министерството и посебно за ЕУ интегративните процеси и кластерот животна средина и клима.
Како тема на разговор беше отворено прашањето за состојбите со Охридското Езеро, колекторскиот систем и прочистувањето на отпадните води. Амбасадорoт Казуја искажа интерес за поддршка во заштитата на екосистемот на Охридското Езеро како светско добро, преку размена на искуства, пристап и примена на иновативни технологии особено во прочистување на отпадните води што се слеваат во Охридското Езеро.
Од страна на амбасадорот Казуја беше претставен и Заедничкиот кредитен механизам како билатерален ангажман на Владите на Северна Македонија и Јапонија со кој е отворена можност за инвестирање на јапонските компании од енергетскиот сектор и примена на најсовремени јапонски технологии за редукција на Со2 емисии, а беше навестен и интерес на конкретена компанија за инвестирање во фотоволтаични системи.