Министерката Шукова како дел од Владината делегација што денес беше во посета на општина Делчево, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и градоначаникот на општина Делчево направи увид во изведбените работи на филтер станицата за вода за пиење, што е важен инфраструктурен проект со кој трајно се решава обезбедувањето на чиста вода за пиење за жителите на Делчево и околните населени места во Општината.
„Домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање во проектот вреден приближно 9 милиони швајцарски франци е околу 1,3 милиони швајцарски франци искористени за реконструкција на постојната застарена водоснабдителна мрежа, нејзино проширување и приклучување на селата Ѕвегор и Габрово кон водоснабдителниот систем“ истакна Шукова во изјавата за медиуми и информираше дека проектите се реализираат согласно предвидената динамика, а завршувањето на реализацијата се очекува до крај на април 2024г.
Шукова истакна дека се направени напори и се обезбедени дополнителни 24 милиони денари за изградба на водоснабдителен систем и во селото Вирче во општина Делчево. Проектот ќе се реализира во тек на наредните две години, 2024 и 2025 година. Во тек е изработката на проектната документација, по што МЖСПП ќе ја спроведе тендерската постапка.Шукова додаде дека Владата не застанува туку и продолжува со поддршка на развојот на Источниот регион во заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, истакнувајќи дека во оваа општина од заемот на Европската инвестициона банка за изградба на нови и подобрување на системите за снабдување со вода за пиење и системите за собирање, одведување и третирање на отпадните води за Делчево се доделени 573 илјади евра за регулација на речното корито на река Брегалница во должина од 500 метри и реконструкција на каналот за наводнување. Исто така, општинта е поддржана и во воспоставување на одржливо управување со отпад со донација на опрема, како и вклучување во активностите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад.