Министерката Шукова учествува на 7-то Собрание на Глобалниот фонд за животна средина, што се одржува од 22-26 август во Ванкувер, Канада, каде ќе се сретнат одговорните за животната средина од 185 држави во светот со цел да направат пресек и да трасираат идни насоки за алоцирање на глобалните финансиски средства за справување со глобалните предизвици поврзани со загубите на биодиверзитетот, токсичните хемикалии, климатските промени и праведната застапеност во акциите на глобално и национално ниво.
Како резултат, ќе се објави рамката на Глобалниот фонд за биодиверзитетот, како нова алатка за финансирање на заштитени видови и екосистемите.
На Собранието учествуваат министри од повеќе од 50 држави во светот, претставници на меѓународните агенции и управители на светски корпорации, каде на повеќе тематски работни маси, заедно со претставниците на младите и маргинализираните групи и цивилните организации ќе дадат преглед на сработеното и ќе ги дефинираат потребните акции на глобално ниво во насока на реализирање на целите за 2030 година во горенаведените подрачја.
Министерката Шукова ќе се обрати на официјалното отварање на Собранието, ќе земе учество на пленарните сесии за решенија за здрава Планета преку интегрирана меѓународна акција и на округлата маса за тоа како кохерентните политики меѓу секторите можат да ја намалат финансиската разлика во секторите природа и клима.
Исто така, министерката Шукова ќе учестува на дополнителните настани организирани од меѓународните имплементирачки организации на Глобалниот Фонд за животна средина со кои имаме соработка во споменатите области.