Денес министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на општина Валандово Перо Костадинов, ги посетија локациите во општина Валандово каде Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање инвестира во крупни капитални проекти со кои се подобрува животниот стандард на граѓаните.
Во н.м. Калково се спроведува проектот за подобрување на водоснабдителниот систем за ова населено место. Досега изграден е нов резервоар за вода и цевковод до секундарната мрежа во должина од околу еден километар, а во наредниот период, преку обезбедување на 600 илјади евра од државниот заем од Европската инвестициона банка продолжува изградба на каптажа, испустен цевковод, доводен цевковод до резервоарот со должина од 3,8 километри, како и дел од секундарната мрежа.
Општина Валандово, како што истакна министерката Шукова е прва од сите општини во државата што обезбеди проектна документација согласно критериумите и барањата на ЕИБ и служи како пример за другите општини што аплицираат за добивање средства преку оваа кредитна линија.
Дополнително, беше посетена и локацијата во градот Валандово, каде Министерството за животна средина и просторно планирање финансиски ја поддржа изградбата на колекторскиот систем за град Валандово, како исклучително значаен инфраструктурен проект за жителите на оваа општина. Покрај заштитата на водите, почвите и обезбедување на поздрава животна средина со изградбата на колекторскиот систем за отпадни води ќе се заштити и многу значајниот археолошки локалитет Стакина чешма.