На денешната средба на министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, беше разговарано за начините како да се интензивира соработката со цел да им се помогне на општините во пристапот до финансиските ресурси од двата државни заеми, но и во реализацијата на инфраструктурните проекти со кои се подобруваат условите за живот и се заштитува животната средина.
Во текот на разговорот министерката Шукова информираше дека МЖСПП веќе има формирано проектни тимови за реализација на заемот за изградба на водоводни системи и собирање и одведување на отпадни води наменет за сите општини во државата , по што ќе следи изработка на методологија за распределба на средствата. При тоа укажа на потребата општините да имаат подготвена проектна документација како би можеле да пристапат до обезбедените средства.
Исто така, се разговараше и за состојбата со собирање, управување и третман на отпадот во нашата држава, како и можностите за системско подобрување на процесите со цел да се минимизира отпадот, и да се подобрат условите за воспоставување на систем за селекција и рециклирање на искористените производи. Заеднички беше ставот дека е потребна покоординирана соработка и подготовка на единствена база на податоци за да може да се има увид во состојбите, но во проектите што се спроведуваат на локално нивно за да може најефектно и целисходно да се реализираат неповторувачки активности.
На средбата беше договорено присуство на претставник од МЖСПП на Управниот Одбор на ЗЕЛС, кој ќе се одржи на крајот на неделата за да даде подетално известување за текот на активностите поврзани со двата заеми, во правец на навремено информирање и подготовка на општините за соодветно искористување на обезбедените финансиски средства.