Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, заедно со амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман, амбасадорката на Грција Н.Е. Софија Филипиду и градоначаникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денес ја посетија локацијата на пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија и направија увид во реализираните активности од последната фаза на проектот: чистење и затварање на дивата депонија и изградба на фотоволтаичната централа за потребите на пречистителната станица.
Реализацијата на овој исклучително важен инфраструктурен проект е резултат на соработката на три држави: Швајацарија, Грција и Северна Македонија и на активното учество на општина Гевгелија и нејзиното јавно комунално претпријатие.
Проектот „Изградба на Пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија“ е исклучителен проект кој покажа како со добра и посветена соработка можат да се постигнат повеќекратни продобивки и одржливост.
Пречистителната станица за отпадни води придонесува за подобрување на условите за живот на граѓаните на две држави и за заштита на животната средина со испуштање чиста вода во реката Вардар. Таа значи приближување на Северна Македонија до Европската Унија и барањата на европските директиви за води, а успешното затворање на депонијата ѝ овозможува на општина Гевгелија да управува со својот цврст отпад – кој сега се депонира на санитарна депонија – на побезбеден и поодржлив начин.
Во текот на реализација на проектот кој содржи повеќе компоненти, направена е прераспределба на швајцарските средства и финансирање на инсталацијата на фотоволтаична централа која покрива околу 30% од потребната електрична енергија за пречистителната станица и оттука овозможи делумно самопроизводство на електрична енергија.
„Овој проект е симбол на една успешна соработка, проект кој просторот на една црна еколошка точка во општина Гевгелија го претвори во еко-средина по највисоки стандарди“, истакна градоначаникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, додавајќи декапроектот содржи и развојна компонента, со тоа што е предвидено да ги задоволи потребите на градот до 2036 година, а дополнително со овој проект општината добива важен атрибут кој е неопходен за натамошните развојни планови.
Министерката Шукова во своето обраќање истакна дека овој проект покажува дека државата, локалната самоуправа и нашите партнери, држави членки на ЕУ и оние што не се како Швајцарската Конфедерација, имплементираат проекти со повеќе компоненти што се во интерес и на државата и на животната средина.
„На овој начин го исполнуваме законодавството што е усогласено со тоа на ЕУ, што е приоритет на Владата, но верувам и на секој граѓанин на државата. Се надевам дека вакви успешни проекти што имаат повеќе компоненти ќе остваруваме и понатаму и се надевам дека она што го направиваме ќе се одржува и тоа не само од јавното комунално претпријатије, туку и од сите граѓани“ порача Шукова од Гевгелија.
“Овој проект е посебен поради неколку причини.Тој успешно се приспособи и ги надмина неочекуваните предизвици, особено значителното зголемување на тарифите за енергија што ги доведе во опасност работењето и финансиската исплатливост на пречистителната станица и успеа да ја затвори нестандардната депонија“ истакна амбасадорката на Швајцарија Н.Е Вероник Улман, додавајќи дека сите партнери го исполнија својот дел од договорот и можеме да бидеме горди што овие заеднички напори доведоа до успешна реализација на проектот. На крај таа ја охрабри општина Гевгелија и Јавното претпријатие да продолжат со напорите и дополнително да го прошират капацитетот на соларните панели со цел да се намалат на минимум тековните трошоци.
„Грција е присутна во овој проект од 2001 година, а има придонесено со 2 милиони евра. Заедно со првичниот проект за изградба на Пречистителна станица за управување со води кој заврши во септември 2018 година, затворањето на депонијата и изградбата на заштитниот ѕид на брегот на Сува Река се сеопфатен одговор на клучниот локален, па дури и прекуграничен еколошки предизвик“ рече амбасадорката на Грција Н.Е. Софија Филипиду .
Проектот е финасиран од владите на Швајцарската Конфедерација, на Република Грција, Република Северна Македонија и општина Гевгелија.