Во рамки на посетата на генералниот потсекретар на Обединетите Нации и извршен директор на Програмата на животна средина на Обединетите нации (UNEP), Ингер Андерсен во нашата држава, денеска се одржа панел дискусија помеѓу засегнатите страни на тема „Тројна планетарна криза“, предупредување од ООН дека Земјата се соочува со: нарушување на климата, губење на природата и биодиверзитетот и загадување и отпад.
Настанот го отвори министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова која потенцираше дека Тројната планетарна криза е реалност што ја доживуваме секој ден. Екстремните временски настани, исчезнувањето на видовите, уништувањето на шумите и исцрпувањето на виталните ресурси се само дел од алармантните знаци на еколошка нерамнотежа што мора итно да се реши.
– Глобалните предизвици бараат регионални, но и акции на национално и локално ниво. Се наоѓаме во момент кој бара единство, соработка и акција. Оваа криза не познава граници и не погодува сите нас, без разлика на нашата националност, раса или социо-економски статус. Од нас, како македонски граѓани, се бара да се здружиме и да најдеме одржливи решенија кои ја чуваат благосостојбата на нашата планета и обезбедуваат просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат.
Таа наведе и дека решавањето на тројната планетарна криза бара повеќестран пристап.
– Мора да се справиме со основните причини за климатските промени со намалување на емисиите на стакленички гасови, транзиција кон чисти извори на енергија и прифаќање на одржливи практики. Мора да го запреме губењето на биолошката разновидност со заштита на екосистемите, зачувување на живеалиштата и промовирање на одржливо управување со земјиштето и океаните. Мора да обезбедиме одговорно користење на нашите природни ресурси, усвојувајќи ги принципите на циркуларна економија и намалувајќи го отпадот и загадувањето. Но, справувањето со овие предизвици не може да биде само одговорност на владите. Тоа бара колективни напори на сите засегнати страни – граѓанското општество, академската заедница, приватниот сектор и поединците – истакна Шукова апелирајќи заедно да се работи кон заедничка визија. Воедно, информира за новите можности кои ги нуди Програмата Живот на ЕУ (која ќе биде потпишана идниот месец во Брисел на маргините на билатерланот скрининг за поглавјето 27), каде токму партнерските пристапи ќе можат да обезбедат здружени акции во адресирање на глобалните предизвици.
Денешната дискусија ја покрена Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со UNEP, а во неа, освен Андерсен и Шукова учествуваше и постојаниот координатор на Обединетите нации Росана Дуџак, претставници од Кабинетот на Заменикот на претседателот на владата за економски прашања и координација со економски ресори, како и меѓународната и академската заедница, и претставници од цивилниот сектор.