Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, денеска беше една од говорничките на третиот Социо-еколошки форум што викендов се одржува во Скопје.
Во своето излагање, Шукова истакна дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција за климатските промени, се силно посветени на справување со климатските промени и ефективно спроведување на Законот за климатска акција штом ќе биде усвоен.
„Ова, меѓу другото, би значело дека ние сме посветени на континуирано градење капацитети за климатски активности, насочени кон сите засегнати страни, владини и локални самоуправи, јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации, младите, ранливите групи, меѓу кои силната соработка е од суштинско значење. Имаме докажани партнери во научни институции, чие знаење дополнително ќе биде искористено во исполнувањето на нашите амбициозни климатски цели. Нашата генерација е сведок на катастрофалните влијанија на климатските промени на глобално ниво и на сите сектори, од инфраструктурата до безбедностата на храната и здравјето на луѓето“, рече Шукова.
Таа информираше дека Нацрт-законот за климатска акција, кој транспонира неколку релевантни регулативи и директиви на ЕУ, помина низ фаза на јавни консултации на почетокот на пролетта, добивајќи позитивни коментари од засегнатите страни, вклучително и оние од локалната власт и граѓанските организации. Во моментов, нацрт Законот е во меѓувладина процедура за разгледување и коментари.
Исто така, Шукова ја потврди отвореноста за соработка и размена на добри искуства, позитивни лекции и експертиза помеѓу нашите градови и општини и нивните партнерски градови од ЕУ справувањето со климатските промени и климатскиот позитивен развој, особено во делот со управување со отпадот.
Социо-еколошкиот форум е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.
Целта на форумот е да овозможи дебата и дискусија во однос на енергетските политики на земјите од Западниот Балкан и Европската Унија, предизвиците во поглед на животната средина, зелената агенда, промовирањето на социјалната кохезија преку инвестиции во вработување, квалитетни и инклузивно образование и висококвалитетни услуги за социјална инклузија и заштита.