На денешниот “Форум за праведна транзиција 2023” на Енергетската заедница, кој се одржа во Скопје, беа адресирани клучните аспекти на праведниот преод – планирање и имплементација, политики, луѓе, околина и финансирање, како и борбата против климатските промени која се наоѓа високо на политичката агенда на Енергетската заедница.
Во фокусот на вниманието беше посветеноста кон декарбонизацијата, преку поставување на амбициозни цели за клима и енергија за 2030 година како за Енергетската заедница, така и за нејзините договорни страни, меѓу кои е и нашата држава.
Државниот секретар за животна средина и просторно планирање Неби Реџепи, имаше обраќање на Панелот на високо ниво насловен како “ПОЛИТИКА И УПРАВУВАЊЕ”.
Реџепи во своето обраќање истакна дека политика за декарбонизација е сложена, интердисциплинарна и влијае на три столба на одржливиот развој, и дека Министерството за животна средина и просторно планирање како одговорно за координација на активностите за кластерот 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност, и директно за климатските промени, ги развива и предлага политиките засновани на наука кои се усогласени со барањата кои произлегуваат од правото на ЕУ.
“Мислам дека успеавме да ги вклучиме енергетските и климатските политики, бидејќи ги имавме и сè уште ги имаме како наши партнери науката, бизнисот и граѓанските општества. Усвоивме неколку документи од суштинско значење за декарбонизацијата, кои поставија среднорочни и долгорочни цели за декарбонизација. Го завршуваме нацрт-законот за климатска акција и подготвени сме зедно да продолжиме понатаму во неговото донесување. Ние ја гледаме декарбонизацијата како можност за раст преку создавање зелени работни места и таа спасува човечки животи, преку севкупен и широк пристап” – истакна Реџепи.