Заменикот министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, како претставник македонската делегација, учествува на неформалниот состанок на министри за животна средина кој денеска и утре се одржува во Талин – Естонија.
Еко-иновациите и забрзување на транзицијата кон поодржлив начин на живот се приоритет на Естонското претседателство, споделено со трио партнерите Бугарија и Австрија.
Со оглед дека една од целите на одржливиот развој на Обединетите Нации за справување со најитните социјални и еколошки предизвици е обезбедување на модели за одржлива потрошувачка и производство, на состанокот е нагласена потребата од целосно преструктуирање на линеарните модели на производство и користење на отпадот, во корист на заокружен систем, каде што производите ќе бидат дизајнирани и пласирани на пазарот за повторна употреба и рециклирање.
На првиот ден од средбата, министрите разменуваа ставови во три важни под темиод темата за еко-иновации: транспарентност на производите, паметни градови и финансирање.
Вториот ден од неформалниот состанок на министерите за животна средина ќе биде посветен на климатските промени и ќе се дискутира за очекувањата, можностите и потенцијалните предизвици поврзани со промовирање на визијата и целите на Парискиот договор.
Во рамки на неформалниот министерски состанок, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, оствари билатерална средба со заменик генералениот секретар на Министерството за животна средина на Естонија, Мелис Мунт. На средбата oд посебно значење е посочена соработка во примената на новите технологии и информатичката технологија во борбата за заштита и унапредување на здрава животна околина и средина.