Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Н.Е. Сирил Бомгартнер на која се разговараше за евроинтегративните процеси на нашата земја (со фокус на билатералниот скрининг за Преговарачко поглавје 27) и приоритетните активности на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на воспоставување на системи за управување со цврст отпад и снабдување со вода.
Министерката Шукова изрази благодарност за досегашната поддршка во областа на заштита на животната средина, што како држава ја добиваме од Француската Влада, како и за политичката и стратешка поддршка во процесот на евроинтеграции на Република Северна Македонија.
Значајна точка во разговорот беше и поддршката од Француската агенција за развој во имплементација на Парискиот договор и целите од Зелената агенда за Западен Балкан, и во таа насока Шукова истакна дека сега уште повеќе е потребно да работиме заедно во процесот на исполнување на овие ЕУ перспективи.