(21.03.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Сарај Беким Мурати денес се вклучија во акцијата за чистење на отпадот во кањонот Матка со која општина Сарај ја започнува пролетната кампања за чистење на неправилно одложениот отпад низ сите населени места во општината.
Поздравувајќи ја иницијативата на градоначалникот за реализација на ова кампања, министерот Изаири потенцираше дека за трајно расчистување на дивите депонии не се доволни активностите на централната и на локалната власт туку е потребна и високо развиена свест дека секој поединец треба одговорно да се однесува и со животната околина и со отпадот кој што самиот го произведува.
– Факт е дека ние може да носиме најсовремени закони, комуналните служби можат беспрекорно да ја вршат својата работа на собирање и на отстранување на отпадот, а повторно да бидеме опкружени со куп отпад бидејќи ниедна служба неможе да собере толку колку што може неодговорен човек да произведе – рече Изаири
Градоначалникот на општина Сарај Беким Мурати навести дека на почетокот на април ќе се реализира акција за чистење на дивата депонија во с. Рашче, а до крајот на годината ќе се чистат депоните и во другите населени места во општината.