Денеска се одржа првиот дел од дводневната онлајн обука за предавачи од Северна Македонија, Хрватска и Словенија на GLOBE Програма за животна средина и едукација, со што се одбележа 22 Април, Ден на планетата Земја и рестартирањето на оваа Програма во образовниот систем на нашата држава.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини го отвори настанот нагласувајќи дека не постои подобар начин за одбележување на Денот на планетата Земја, од започнување на едукативна програма што ќе им ја приближи на младите животната средина и ќе им даде можност да ја сфатат потребата за нејзина заштита.
-Се чувствувам привилегиран што како министер за животна средина и просторно планирање имам можност да бидам домаќин на првата заедничка обука GLOBE за наставници од Северна Македонија, Хрватска и Словенија, а гледам дека се приклучија и колегите од Црна Гора. На ваков начин остваруваме една важна и благородна мисија во две области од клучно значење за нашата иднина – заштита на животната средина, преку нејзино спознавање и едукација на младите генерации како да ја зачуваат и да обезбедат квалитетен живот во животната средина што ќе ја наследат од нас – истакна министерот Нуредини.
Донациите за имплементацијата на GLOBE програмата во нашата држава се обезбедени од страна на Американската Амбасада, како средства за одржување на оваа обука во соработка, со Канцеларијата за координација на GLOBE Европа и Евроазија. Инструментите, хемикалии и другите средства кои се обезбедени, се неопходни за професорите и учениците да можат ефективно да ги извршуваат планираните активности и обуки во соработка со GLOBE партнерите од Хрватска и Словенија.
– Задоволен сум што оваа меѓусебна соработка, посветеност и ентузијазам за придонес кон програмата GLOBE беше поддржана и од колегите во Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, кои ја разбираат важноста на програмата GLOBE ширум светот. Ние соработуваме со нив за да ја вклучиме оваа програма во наставните програми на училиштата и да овозможиме постигнување нови успеси и меѓународно признати резултати – рече Нуредини.
Министерката за образование и наука Мила Царовска нагласи дека децата во училиште треба да научат да ја сакаат и да ја спасат планетата Земја.
„Во глобалната акција за спасување на планетата Земја, децата односно учениците заземаат централно место. Подигнувањето на свеста за потребата од заштита на околината од најмали нозе, придонесува за иднината на целата Земја. Стекнувањето на основните информации преку конкретни истражувања, односно искуствено научени лекции, се основните предуслови да се осознаат проблемите, но и поголем мотив да се делува во насока на заштитата на животната средина и активно вклучување на младите во сите фази на заштитата. Всушност, во училиште се учи љубовта кон планетата Земја“, рече Царовска.
Токму затоа, во сите нови наставни програми кои се изработуваат согласно новата Концепција за основно образование, се посветува големо внимание на темите за заштита на животната средина а воедно наставниците покрај активностите за време на наставата, ќе имаат можност и преку дополнителни воннаставни активности да ја подигнуваат свеста за значењето на здравата животна средина – додаде Царовска.
На отварањето на обуката се обратија и амбасадоркатата на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз и Дана Вотапкова претставник од Канцеларија за координација во регионот на Европа и Евроазија .
Најавувајќи го повторно засилување на програмата за глобално учење и набудување за корист на животната средина или GLOBE и поддршката на Амбасадата на Соединетите Држави, амбасадорката Брнз го започна обраќањето со цитат од специјалниот претседателски пратеник за клима Џон Кери: „Успехот значи да го искористите најдоброто од нашата колективна генијалност, креативност и дипломатија, од мозочна моќ до алтернативна енергетска моќ, користејќи ја секоја алатка што треба, за да ја стигнеме таму каде што треба да одиме.“
„ За вистински да ги демонстрираат своите таленти и да придонесат за утрешниот свет, на младите им треба солидна основа во науката. Планираме да соработуваме со Северна Македонија за да ги донесеме ресурсите на GLOBE на младите во Северна Македонија, помагајќи им да научат за животната средина, да спроведат свои експерименти и да соберат свои податоци за светот околу нив. Амбасадата на Соединетите држави работи со локална невладина организација за да обезбеди дополнителна основна опрема за наука за студентите да можат да ги користат ресурсите на ГЛОБЕ од прва рака и да спроведуваат свои експерименти со наука „ рече амбасадорката Брнз нагласувајќи дека Програмата ГЛОБЕ е партнерство со владата на Северна Македонија.
„И затоа сум воодушевена што соработувам со Министерството за животна средина и Министерството за образование за оваа возбудлива можност. Со обновена енергија и силна поддршка од министерот Нуредини и министерката Царовска, уверен сум дека програмата ГЛОБЕ ќе го поддржи научното образование заслужено за младите во Северна Македонија “ потенцираше амбасадорката.
Програмата GLOBE – Глобално учење и набљудување во полза на животната средина, е светска научна и образовна програма која ја координира работата на учениците и наставниците со цел да се проучува и разбере состојбата на животна средина. Таа ги комбинира науката, образованието и технологијата на меѓународно ниво, со учество на околу 38.000 училишта од над 124 земји во светот.