(18.02.2016) Управниот одбор на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Кочани го одржа првиот, конститутивен работен состанок, на кој беа разгледани почетните активности што треба да помогнат за неговата натамошна реализација.
– Расчистивме некои работи, проблеми што се многу важни за понатамошниот тек на реализација на проектот. Сè на сè, имам многу добро чувство и навистина се радувам на годините што следат за овој проект – рече Франк Видеркер, претставник на Амбасадата на Швајцарија.
Според заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски, од планирањето на проектните работи и од динамиката на проектот, ќе зависи како ќе се движат работите во текот на оваа и на следната година. – Аспектите што ги разгледувавме беа од финансиска, техничка, набавна и од работна проблематика. Сметам дека имаме атмосфера, добар тим, со поддршка на локалната самоуправа и ние како централна власт ќе добиеме успешен проект, една убава, капитална пречистителна станица во овој дел на Македонија, истакна Темелковски.
Градоначалникот Ратко Димитровски, соопшти дека за кратко време ќе се распишат и првите тендери од проектот за да може при крајот на годината да излезе механизацијата на терен.
Проектот за изградба на пречиститална станица за отпадни води се реализира со грант од 21 милион швајцарски франци од Владата на Швајцарија и со близу 2 милиона евра од Буџетот на Република Македонија. Партнер во реализирањето на проектот е и Општина Кочани, за чии жители оваа инвестиција ќе обезбеди капитален објект за заштита на животната средина.
Рокот за завршување на пречистителната станица е до декември 2018 година.