Денес се одржа последната од трите работилници, организирани од Економската Комисија за Европа при ООН, посветена на намалувањето на ризикот од катастрофи, врз основа на прегледите на еколошките перформанси на UNECE, а на кои домаќин е нашата држава.
Целта на работилницата е да се обезбеди платформа за земјите од Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија и Кавказ да ги споделат своите искуства во решавањето на прашањата за управувањето со ризици од природни и технолошки/антропогени катастрофи и да ја поддржи соработката помеѓу релевантните експерти за развој на стандарди за намалување на ризикот од катастрофи.
– Само со стратешко планирање, колективен напор и подобрување на отпорноста можеме да го минимизираме влијанието на потенцијалните катастрофи како земјотреси, поплави, шумски пожари, лизгање на земјиштето и индустриски несреќи– истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која го отвори настанот.
Таа потенцираше дека овие несакани појави негативно влијаат врз државната економија, инфраструктура и целиокупниот општествен живот и додаде дека за успешна превенција и управување со катастрофите, потребно е постојано да се практикуваат, тестираат и редовно да се ажурираат методите за соработка на регионално ниво и пошироко.
Серијата работилници се реализираа со помош на германската Агенција за животна средина преку UNECE Женева, а нивна цел е да се произведат препораки за следниот циклус на изработка на извештаите за ревизија на перформансите во животната средина во државите од Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија и Кавказ.