Владата на Република Северна Македонија на 149 -та седница, од 25 април 2023 г. ја разгледа и ја усвои Информацијата за потпишување на договор меѓу Европска Унија и Северна Македонија за учество во Програмата на Унијата „Живот“ (LIFE) за заштита на животната средина и климатски активности. При тоа, Владата ја задолжи министерката за животна средина и просторно0 планирање Каја Шукова во име на Владата да го потпише Договорот со Европската Унија.
Програмата ,,Живот” (LIFE) претставува финансиски инструмент на Европската Унија за животна средина и климатска акција, чија цел е да ја олесни транзицијата кон одржлива, циркуларна, енергетски ефикасна, заснована на обновливи извори на енергија, климатско неутрална и климатски отпорна економија. Програмата e структурирана во две области: област ,,Животна средина“со подпрограмите ,,Природа и биодиверзитет” и ,,Циркуларна економија и квалитет на живот” и област ,,Климатска акција” со подпрограмите ,,Ублажување на климатски промени и адаптација“ и ,,Транзиција кон чиста енергија”.
Се очекува активностите кои ги поддржува оваа програма да придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови и да ја намалат ранливостаод штетните влијанија на климатските промени, да го обноват и подобрат квалитетот на животната средина, вклучително воздухот, водата и почвата, како и да влијаат позитивно во намалувањето на загубата на биолошката разновидност и дегарадацијата на природата.
Програмата ја поддржува и имплементацијата и управувањето со мрежата Натура 2000, најголемата мрежа на заштитени подрачја во Европа.