(28.03.2019) Денеска, во Скопје, се одржа втората работилница за подигнување на јавната свест за значењето и важноста на отстранувањето на линданот од малата депонија во кругот на фабриката Охис. Работилницата е во организација на Македонското еколошко друштво и во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Целта на работилницата е дефинирање на следни чекори, надлежности и заедничка координација и комуникација меѓу засегнатите страни во врска со понатамошшната процедура за отстранувањето на депонираниот линдан во кругот на фабриката Охис.
– Сакаме потесната и пошироката јавност да стане свесна дека ќе се врши чистење на депонијата, со обезбедување и инсталирање соодветна технологија на локацијата – изјави Сузана Андонова, од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи при МЖСПП, додавајќи дека, додека првата работилница беше повеќе информативна, во втората фокусот беше ставен на мотивирање и поттикнување на засегнатите страни да се ангажираат правилно да се споделуваат информациите и секој од свој аспект да придонесе кон правилно реализирање на проектот.
Според Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), до крај на април ќе се финализира тендерската документација по што биде објавен меѓународен конкурс на УНИДО за избор на фирма и технологија за отстранување на депонираниот линдан од малата депонија во кругот на Охис. На есен се очекува да се знае и која фирма би била вклучена во процесот на остранувањето на депонијата.
Подигнувањето на јавната свест на населението на Скопје за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина е една од активностите која се спроведува во рамки на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization). Главната цел на овој долгогодишен проект, е во следниот период да се спроведе отстранување на депонираниот линдан од една од двете постоечки депонии кои се наоѓаат во фабриката ОХИС.