(25.04.2018г.) Денеска, на депонијата „Дрисла“, во употреба беше пуштен новиот филтер на печката за согорување медицински отпад (инсенератор) која не функционираше неколку месеци поради застарената технологија и неисполнување на потребните еколошки стандарди.
Новиот филтер, кој ќе се користи се до поставување на нова печка на локацијата, ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честички кои се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето на филтерот е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина.
Според изјавата на портпаролот на Министерството за животна средина и просторно планирање, Беса Татеши, Министерството ја поздравува оваа активност и е подготвено да даде поддршка на сите идни иницијативи кои се во насока на сопирање или ублажување на последиците врз животната средина предизвикани од сегашното управување со отпад и сите иницијативо што водат кон воспоставување на современ и одржлив систем.
Обраќања имаа и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов.