(18.07.2018) Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки присуствуваше и говораше на настанот по повод официјалното пуштење во употреба на пречистелната станица за третман на урбани отпадни води во Радовиш. Радовиш е една од четирите општини, заедно со Прилеп, Струмица и Кичево, кои добија средства од Европската Унија за изградба на пречистителна станица за отпадни води (ПСОВ).
Пречистителната станица е со капацитет од 25 000 еквивалент жители и ќе го реши проблемот со отпадните води во општината. Исто така, ќе помогне во заштитата на животната средина и ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните на Радовиш.
Покрај изградабата на пречистителната станица, проектот опфаќа и изградба на пристапен пат во должина од 1.5 км, како и рехабилитација на секандарна канализациона мрежа во должина од 3,3 км.
Проект во вредност од шест милиони евра, од кои 85 % се обезбедени од ЕУ и 15 % е домашна контрибуција, беше реализиран во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Секторот за централно финансирање и склучување договори во Министерството за финансии, општина Радовиш и Јавното комунално претпријатие „Плаваја“.
Во поздравното обраќање, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки истакна дека актот на завршувањето на овој проект е од особена важност за исполнување на законските обврски, како и реализирањето на поставените цели за подобрување на квалитетот на водите на Радовишката Река, со што директно се влијае во подобрувањето на квалитетот на еколошките, санитарните и сите други општествени услови во регионот.
На настанот се обратија и претседателот на Владата Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар,министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалниот на Радовиш Герасим Конзулов.