Промовиран извештајот за состојбите во животната средина во Европа SOER 2015: идниот просперитет зависи од посмелите чекори на политиката, знаењето, инвестициите и иновациите

Synthesis naslovna(03.03.2015) Европските политики за животна средина и клима остварија суштински придобивки за подобрување на животната средина и квалитетот на животот, водено од иновациите, создавањето на нови работни места и растот. Наспроти ваквите остварувања, Европа сé уште се соочува со серија опстојувачки и растечки еколошки предизвици. Нивното надминување ќе бара темелни промени во системите на производство и потрошувачка, кои се изворни причини на еколошките проблеми.

Ова се дел од пораките содржани во петгодишниот извештај за состојбата на животната средина (SOER 2015) на Европската агенција за животна средина (ЕЕА),што официјално се објавува денес во 39-те држави членки на EIONET мрежата меѓу кои е и Република Македонија.

SOER е клучен интегриран документ за состојбите на животната средина во Европа кој ЕЕА го доставува до Европскиот парламент.

Извештајот SOER 2015,насловен „Европската животна средина – состојба и перспективи 2015“содржи информации за животната средина во Европа, оцени заживотната средина на глобален план, компаративна анализа на земјите преку индикатори за животна средина и специфични извештаи на државите и регионите.

Сето ова е добра основа и непроценлива алатка во креирање на идните национални, европски, па и светски политики за животна средина.

SOER 2015 ја подвлекува потребата за поамбициозни политики за постигнување на визијата за Европа до 2050 година. Исто така, ја нагласува потребата за нови пристапи кои реагираат на системската природа на бројни еколошки проблеми. На пример, надворешните притисоци, вклучувајќи ги глобалните мега-трендови, можат да ги обезвреднат одделните политики и локалните заложби за управување со животната средина. Покрај тоа, бројни еколошки предизвици се тесно поврзани со системи на производство и потрошувачка кои поддржуваат огромен број работни места и обезбедуваат егзистенција за многу луѓе, па промените на овие системи креираат разновидни трошоци и добивки. Уште повеќе, зголемената ефикасност често се анулира со зголемената потрошувачка.

Извештајот заклучува дека иако целосната реализација на постојните политики ќе биде од суштинско значење, ниту тековните политики за животна средина, ни економските и технолошки предусловените остварувања во ефикасноста ќе бидат доволни да се достигне визијата за Европа до 2050 година.

Надминувањето на комплексните промени со коишто се соочува Европа ќе бара поамбициозни политики, поткрепени со поголемо знаење и помудри инвестиции, насочени кон фундаментална трансформација на клучни системи како што се храната, енергијата, домувањето, транспортот, финансиите, здравството и образованието. Ова ќе ја наметне потребата за стратегии и пристапи за ублажување на притисоците и избегнување на потенцијалните штети, обнова на екосистеми, надминување на социо-економската нееднаквост и приспособување кон глобалните трендови како што се климатските промени и исцрпувањето на ресурсите.

Република Македонија,преку Македонскиот информативен центар за животна средина (МИЦЖС) на Министерството за животна средина и просторно планирање, а во рамки на EIONET мрежата, активно учествуваше во целиот процес на подготовка и изработка на SOER-от 2015.

Од особено значење за нас е тоа што во делот 4, од SOER 2015, е изработено националното поглавје за Република Македонија – Country briefing,во кое е даден посебен осврт за состојбата на животната средина во државава. Националното поглавје ќе биде достапно за пошироката јавност за преглед, преку веб страната на EEA (www.eea.europa.eu/soer) и Министерството (www.moepp.gov.mk) .

Податоците кои се користат при изработката на извештајот, претходно се доставени до ЕЕА преку приоритетниот проток на податоци и со редовни годишни известувања од страна МИЦЖС. Треба да напоменеме, дека во некои случаи иако не сме земја членка на ЕУ, одговараме на барањата на одредени директиви и конвенции, со што ќе се олесни процесот на известување за животната средина условено со членството во ЕУ. Како мошне важен го сметаме и фактот што во Делот 3 на Извештајот, МИЦЖС достави релевантни податоци за сите 9 индикатори за животна средина, што овозможи состојбата со животната средина во Македонија да биде компарирана со останатите европски земји и со земјите во регионот. Радува фактот дека иако според некои индикатори, животната средина во Македонија е позагрозена во однос на други држави, според други индикатори таа е многу подобра дури и од некои развиени европски држави.

–    Нашата анализа покажува дека европските политики успешно се справуваат со многу промени во животната средина низ годините. Но, таа истовремено покажува и дека ние продолжуваме да ги оштетуваме природните системи коишто го одржуваат нашиот просперитет. Животот во рамките на планетарните ограничувања претставува огромен предизвик, а одговорот на истиот носи големи придобивки. Искористувањето на европскиот капацитет за иновации во целост може да ни обезбеди одржливост и да нé доведе до пресвртница во науката и технологијата, со создавање на нови индустриски гранки и поздраво општество…Имаме 35 години до 2050 година да обезбедиме живот на планета којашто може да опстои. Ова може да се чини како далечна иднина, но за да ја постигнеме нашата цел – треба да делуваме сега. Нашите акции и инвестиции треба да бидат уште поамбициозни и подоследни. Многу од одлуките што ги носиме денес ќе одредат како ќе живееме во 2050 година – е пораката на извршниот директор на ЕЕА Ханс Брајнинкс, упатена на денешната прес-конференција организирана по повод промовирањето на SOER 2015 во Прес центарот на Европската комисија во Брисел.