На иницијатива на МЖСПП, Владата на вчерашната 15-та Седница, се зазема за забрзување на постапката за прогласување на дел од Шар Планина за Нациoнален парк. Имено, согласно информацијата на МЖСПП за потрeбата од прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк, која што следуваше по изработката на Студијата за валоризацијата на природните вредности на Шар Планина, Владата им препорача на сите сектори вклучени во подготовката за определување на статусот национален парк (економија, шумарство, ловство, енергетика, транспорт, одбрана, туризам и др.), во рок од 15 дена да го достават своето мислење.
Сепак за целосно завршување на постапката ќе треба време со оглед дека самата постапка има повеќе чекори.
Следните чекори се:
1. По добивање на мислења од сите релевантни институции, МЖСПП треба да изработи усогласена Информација за потрeбата од прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк, и вака усогласениот предлог да го достави до Владата на РСМ.
2. Владата треба да донесе Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Шар Планина во категоријата национален парк.
3. Согласно член 135 став 2 од Законот за заштита на природата и актот за прогласување на националниот парк, управувањето, надзорот и заштитата на националните паркови ги врши јавна установа – Национален парк. Од тука Владата на РСМ ќе треба да формира Јавна Установа Национален Парк – Шар Планина.
4. МЖСПП по одлуката на Владата за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Шар Планина во категоријата национален парк треба да изработи акт за прогласување.
5. МЖСПП треба да спроведе јавна расправа по предлогот.
6. МЖСПП треба да изработи конечен предлог кој треба да содржи мислење од завршената јавна расправа и акт за прогласување за заштитено подрачје и како таков да го достави до Владата на разгледување и усвојување и понатамошно постапување до Собранието на РСМ.