Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Македонското еколошко друштво, организираа работилница за презентирање на работната верзија на Предлогот на Законот за просторно планирање на Република Северна Македонија, како дел од проектот „Подобрување на поврзаноста кај балканскиот зелен појас“.
Работилницата имаше за цел да се претстави работната верзија на Предлогот на Законот пред релевантните стручни лица од областа на просторното планирање и да се дискутира содржината на Предлогот, со цел да се слушнат мислењата, предлозите и забелешките во функција на изготвување добар и солиден нацрт-закон за просторно планирање.
„Ова претставува одлучен чекор во правењето на значајни позитивни промени во областа на просторното планирање во нашата земја и во нашиот пристап кон одржливиот развој. Целта на изработката на новиот Закон за просторно планирање не беше само да се пополни вакумот во законодавството, т. е. да се одвој урбанистичкото од просторното планирање, туку и да се внесат нови концепти и стандарди како дел од нашата постоечка регулатива“ истакна министерката Шукова во воведното обраќање, нагласувајќи дека тој вклучува повеќе нови и актуелни концепти во просторното планирање во Северна Македонија, како што се концептот на Зелената инфраструктура, незафаќањето на нови (особено земјоделски) површини со урбанизација (No-net-land-take), рециклирање на земјиштето, интегрирањето на климатските промени во просторното планирање и сл.
Државниот секретар на Министерството за животна средина и раководител на Секторот за просторно планирање Неби Реџепи претставувајќи ги целите, содржината и структурата на работилницата истакна „Нашата цел денес како МЖСПП е да разговараме за предложениот работен текст на нацрт-Законот за просторно планирање. Очекуваме дека овој закон ќе стане прв посебен закон за просторно планирање во нашата држава, и затоа сме тука, за да придонесеме кон неговото подобрување, за заедничкото и општо добро. На оваа работилница за дијалог и размена на мислења, секој коментар или предлог ќе биде значаен за изработката на финалната везија на Законот. Со активното учество на сите, сигурни сме дека ќе можеме да создадеме Закон кој ќе биде соодветен на нашите современи услови и потреби и кој ќе обезбеди пристојна иднина на идните генерации“.
Просторниот план е мултидисциплинарен документ кој има за задача да ги интегрира и усогласи различните секторски политики и да даде соодветни насоки за сеопфатен, кохезивен, прифатлив развој, имајќи ја предвид одржливоста, а со посебен акцент на заштитата на животната средина, природата, човековото здравје, и сè поактуелниот аспект на влијанието на климатските промени и нивното ублажување.
Тој е долгорочен плански документ кој се донесува со важност од најмалку 15 години и затоа од особена важност е процесот на изработка и донесување да биде што потранспарентен и инклузивен.