(10.02.2016г.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, денеска, го отвори почетниот состанок на твининг проектот за Зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии.
– Новата Директива преtставува главен инструмент за превенција на емисиите од големите индустриски активности. Применува интегрален пристап, што има за цел спречување и намалување на загадувањето на животната средина од сите аспекти како што се воздухот, почвата, водата, употреба на ресурси/енергија, како и генерирање на отпад од самите индустриски активности. Исто така, ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола базирајќи се на построга примена на Најдобрите Достапни Техники (BAT) – истакна по тој повод министерот Изаири.
Проектот е во вредност од 900.000 евра, со траење од 15 месеци, а неговото спроведување започна на 1 октомври 2015 година.
Составен е од 4 компоненти, во рамките на кои ќе се врши процена на економското влијание врз индустрискиот сектор при спроведувањето на Директивата. Ќе се подготови и нов Закон за Контрола на Индустриски Емисии, како и подзаконските акти кои што произлегуваат од него. Централната и локалната администрација ќе ги зајакне своите капацитети за правилна имплементација на новите законски одредби преку изработка на прирачници и упатства за практично спроведување на Директивата, преку одржување на обуки, работилници и семинари, како и преку анализирање, процена и изработка на пилот А и Б Дозволи. Исто така, во рамките на проектот ќе биде подготвен и приоритетен список со опрема потребна за спроведување на новата Директива за Индустриски Емисии.
Партнери во реализацијата на проектот се: Австрија, преку австриската Агенција за животна средина (како главен партнер), и Шпанија преку две институции, како и Регионалното Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктури на Галиција и Меѓународната фондација за јавна администрација и јавни политики – ФИИАПП (како помлади партнери).
На почетниот состанок се обратија и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Н.Е. Аиво Орав, вице премиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, амбасадорот на Австрија, Н.Е. Ренате Коблер, амбасадорот на Шпанија, Н.Е. Рамон Абaроа Каранза и директорот на Aгенцијата за животна средина на Австрија, Георг Реберниг.