(10.12.2015г.) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири се обрати на отварањето на почетниот состанок на проектот “Стабилизирање на емисиите на стакленички гасови од патниот сообраќај преку двојно намалување на потрошувачката на гориво: регионално спроведување на глобалната иницијатива за економија на горивото“.
Министерството за животна средина и просторно планирање, преку изработката на Третиот национален план за климатски промени, како и Националнитепридонеси кон климатските промени во глобалните напори за смалување на емисиите на стакленички гасови, го препозна транспортот како еден од поважните сектори што влијаат на емисиите на стакленички гасови. Според развојните сценарија за побарувачката на енергија, трошоците за обезбедување на потребната енергија и емисиите на стакленички гасови во различни развојни сценарија до 2050 година, се очекува емисиите на CO2 во транспортот за тој период да пораснат над 140%.
– Целта на проектот “Стабилизирање на емисиите на стакленички гасови од патниот сообраќај преку двојно намалување на потрошувачката на гориво: регионално спроведување на глобалната иницијатива за економија на горивото“ е да придонесе кон намалување на емисиите на СО2 од страна на транспортниот сектор (лесните возила) во Македонија, преку изработка на практична национална политика за обновување на возниот парк, како и да помогне при изработката на регистар на возниот парк во државата според видот на гориво, конкретната ЕУРО класификација, просечната потрошувачка и годишна километража по возило – изјави министерот Изаири во своето обраќање.
Проектот се спроведува од УНЕП –ГЕФ во соработка со Регионалниот центар за животна средина – Канцеларија во Македонија, а главен корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање кое заедно со рафинерија ОКТА го обезбеди националното кофинансирање на проектот.