(25.07.2018) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Садула Дуракиги потпиша договорите за распределба на средства за финансирање по Програмата за управување со водите за 2018 година. Согласно Конкурсот кој беше објавен кон крајот на месец јануари, околу 56.300.000 денари се доделени на 15 општини во Македонија за Проектирање и израдба на нови и одржување и унапредување на постојните јавни водоснабдителни објекти и за Уредување и реконструкција на водотеци.
Договори се потпишани со градоначалниците на општините: Кичево, Брвеница, Сарај, Крушево, Чучер Сандево, Демир Kапија, Теарце, Липково, Ѓорче Петров, Тетово, Новаци, Струга, Врапчиште, Крива Паланка и Кочани.
Со тоа Министерството за животна средина и просторно планирање помaгајќи ги локалните самоуправи во делот на управувањето и заштитата на квалитетот на водите преку подобрување на инфраструктурата за водоснабдување и за заштита на водотеците, инвестира во постигнување на долгорочните цели – поквалитетен живот на населението, спречување на последиците од поплавите и почиста животна средина.