Денеска, во повеќе градови во државата, како и во цела Европа,започна одбележувањето на Европската недела на мобилност (од 16-22 септември), која оваа година поради пандемијата предизвикана од KОВИД-19 се организира во посебни услови. Годинешната кампања се спроведува на тема „Мобилност за сите без емисии“, со цел да го покаже значењето и важноста на пристапноста до превозот без емисии и да ја промовира амбициозната рамка која е фокусирана да ги опфати сите граѓани, граѓански организации и општествено одговорни компании кои сакаат преку сопственото учество да придонесат за почист воздух во градовите, помал сообраќаен метеж и поздрав, поразновиден, а воедно и позабавен начин на превоз.
Како национален координатор, Министерството за животна средина и просторно планирање, ги поканува градовите, од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини и во согласност со ситуацијата со KОВИД-19 да се вклучат во он-лајн кампањата или да организираат настани со физичко присуство на учесниците, секако почитувајќи ги безбедносните протоколи.Исто така, ги поканува сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компании и целиот цивилен сектор во државата, да се приклучат во оваа европска кампања, да ги споделат своите најдобри практики за урбана мобилност и да преземаат чекори и мерки кои ќе овозможат јаглеродно неутрална средина (односно јаглеродно неутрален континент) што е и долгорочната цел на Европската недела на мобилност.
Како информација, минатата година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 3135 града од 50 држави од Европа и светот.
Партнери во активностите се Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центарот во Скопје.
10 лекции ЗА ПОДОБРА УРБАНА МОБИЛНОСТ научени од пандемијата