(07.02.2019г.) Денес во Свети Николе, државниот секретар за животна средина и просторно планирање Ана Петровска присуствуваше на 26-та Вонредна седница на Советот на општина Свети Николе. На Седницата, покрај членовите на Советот на општината присуствуваа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници од месните заедници Мустафино, Ерџелија, Немањица и Мечкуевци како и претставници на граѓански здруженија од Овчеполието. Министерството за животна средина и просторно планирање го презентираше проектот со посебен осврт на техничките каратктеристики на централната инсталација и придобивките за животната средина од ваквото управување со отпад наспрам посточкиот неорганизиран систем.
Изразувајќи го задоволството што овој голем проект со кој ќе се воспостави современиот систем за управување со отпад во 18 општини од Источниот и Североисточниот регион и општина Свети Николе и за кој се обезбедени средстава преку ИПА фондовите на Европската Унија конечно е откочен и е доведен во фаза кога треба да се започне со набавка на камиони, контејнери и изградба на централниот објект, Петровска нагласи дека всушност оваа отворена седница значи отварање на проектот спрема граѓаните, со цел да се одговори на сите прашања и дилеми на жителите и да се изгради доверба и партнерство .
Според Петровска ако досега се разговараше со доносителите на одлуки, одсега па натаму се отвара процесот на транспарентно вклучување на жителите во процесот на донесување на одлука и ќе се разговара со граѓаните се додека не се обезбедат доволно информации што една ваква депонија за која во Македонија немаме пример, ќе значи за локалното население, на регионално ниво, но и на национално ниво. Овој процес на транспарентна консултација со засегната јавност ќе продолжи се додека не се одговорат сите прашања и не се разрешат сите недоумици кои произлегуваат од стравот дека изградбата на ваквата санитарна депонија ќе наштети на локалните органски земјоделци, на подземните води или на амбиенталниот воздух.
Покрај ова, стана збор и за компензациските мерки и бенефитите што населениот и целиот регион ќе го имаат од социјален, економски аспект но и од аспект на целосна заштита на животната средина што всушност ќе биде подигната на повисоко и поконтролирано ниво, ако се земе предвид сегашната состојба со нелегалнитите депонии и ѓубришта.