Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, денеска имаше работен состанок со извршната директорка во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска и со директорката на Агенцијата за планирање на просторот, Андријана Андреева.
Тема на средбата беше користењето на деградирани и неупотребливи површини како локации за соларни и ветерни централи во нашата држава.
Оџаклиеска потенцираше дека транзицијата кон обновливи извори на енергија, како што се фотоволтаиците и ветерните централи е од суштинско значење за заштитата на животната средина, природата и здравјето на луѓето. Тоа ќе придонесе до намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување на несаканите ефекти од климатските промени, а истовремено ќе овозможи и поголем дел од вкупното производство на електрична енергија да доаѓа од домашни ресурси.
Соговорниците се согласија дека заштитата и унапредувањето на животната средина е приоритет во општеството, особено денес, кога човештвото на глобално ниво се соочува со предизвиците на климатските промени, намалените ресурси на фосилни горива и напорите за намалување на емисиите на стакленичките гасови.