Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска имаше поздравно обраќање на панел дискусијата организирана во рамки на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“ што се реализира во рамки на „Интеррег“ проектот, кофинансиран од ЕУ преку програмата за трансгранична соработка „Балкан-Медитеран“ за периодот 2014-2020 година.
Денешниот настан беше поделен на две панел дискусии: „Компјутерската моќ станува зелена – Go Green“ и „Предизвици за примена на зелена дигитализација во приватниот и општествениот сектор“, во чии рамки повеќе експерти од земјава и регионот ги споделија своите искуства, ставови и визиии за дигиталната трансформација на јавниот и приватниот сектор и нивниот еколошки и енергетски отпечаток.
Во своето обраќање Оџаклиеска истакна дека дигитализацијата на податоците за состојбите во животната средина се од исклучителна важност и нагласи дека мораме да ги следиме брзите промени во дигиталниот свет и да се прилагодуваме кон нив. На тој начин се овозможува пристапот до информации поврзани со квалитетот на животнат средина да биде поедноставен и лесно достапен до граѓаните. Од друга страна за нас како институција тоа е добра основа за креирање политики и мерки за справување со загадувањето. Со дигитализацијата лесно се врши трансфер на податоци не само во државата, туку и регионално и глобално.
На отварањето на настанот говореа и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и Директорот на Бирото за регионален разво,ј Рамиз Реџепи, како и заменик шефот на мисијата на Република Италија во нашата земја, Марио Де Роза, и програмскиот менаџер при Делегацијата на Европската Унија, Карл Џaчинти.
Основна цел на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“ е да се промовира усвојувањето на интегриран пристап и создавање на рамка за имплементација на комбинирани „зелени“ и дигитални иницијативи за трансформација на национално и транснационално ниво, што ќе доведе до „позелено“ функционирање на дигиталните инфраструктури користејќи центри за податоци.
Проектот е кофинансиран од Европската Унија и државите партиципиенти, а од 2021 година го имплементираат Бирото за регионален развој во Скопје, во соработка со Регионот Западна Македонија – Грција, Техничка комора на Грција, Трговска и индустриска комора Грција, Агенција за енергетика – Грција, Национална агенција за информатичко општество – Албанија, Министерство за инфраструктура и енергетика – Албанија, Универзитет за шумарство – Бугарија, а финансиски е подржан од Balkan Med Programme.