(31.10.2020г.) На денештата работна посета на Кочани на заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска, остварен е работен состанок со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев и секретарот на општината Александар Јосифов на кој се разговараше за двата суштински проблема во делот на животната средина, загадувањето на воздухот и водите од правен субјект кој има А интегрирана дозвола и изградбата на мала хидроцентрала на Мала Река во непосредната близина на браната Гратче.
На заменик министерката и беа презентирани активностите кои локалната самоуправа ги има преземено во насока на решавање на проблемот, но заедничка беше оценката дека решавањето и на двата проблема мора да биде низ институциите на системот. Беше истакната улогата на Државниот инспекторат за животна средина, кој преку своите механизми ќе овозможи почитување на регулативата и обврските кои се преземени со дозволите што ги имаат. Се истакна неопходната соработка на локалната и централната власт, одговорност и транспарентност во постапувањето на сите институции во рамки на своите надлежности.
Се разговараше и за одлуката за прогласување на Осоговијата за заштитено подрачје, за проекти што се во фаза на реазлизација и се поврзани со животната средина и за идни проекти за кои локалната самоуправа прави напори да се реализираат, но е потребна финансиска помош од централната власт.