Официјална средба на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со амбасадорот на Сојузна Република Германија Н. Е. Томас Герберих

Nuredini_germanski_ambasador_1Во рамки на реализирање на протоколарни средби за запознавање министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се сретна со амбасадорот на Сојузна Република Германија Н. Е. Томас Герберих.

Амбасадорот Герберих уште на почетокот на средбата ја искажа поддршката што Сојузна Република Германија ќе ја даде на следниот Совет на ЕУ во октомври оваа година, за неодложен старт на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ. Потенцираше дека предизвиците се големи со кои Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија ќе треба да се соочи. Во таа насока препорача јасно поставување на приоритети и взаемна координација и поддршка помеѓу Владата и градоначалниците во заштитата на животната средина во Република Северна Македонија.

Министерот Нуредини истакна дека поддршката од страна на Сојузна Република Германија за отпочнување на предпристапните преговори за влез во ЕУ се најдобриот начин да продолжиме понатаму свесни за предизвиците кои ни претстојат во спроведување на стандардите и вредностите за заштита на животната средина.

– Спремни сме да работиме заедно со општините и да ги поддржиме кога тоа им е потребно. Треба да сме свесни за нашите акции, за да понудиме најдобри алтернативи и решенија за справување со предизвиците – ги потенцираше своите заложби министерот Нуредини.

На состанокот се дискутираше и за можноста за соработка со Германската Стопанска Комора која во своето портфолио го содржи управување со отпадот.