На 16 август, 2019 година Mинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа средба со Постојаниот координатор на Програмата за развој на Обединети Нации во Република Северна Македонија Нарине Сахакјан.
Министерството за животна средина и просторно планирање е еден од главните соработници вклучени во работата на Програмата за развој на Обединети Нации. Г-ѓа Сахакјан ја презентираше актуелната проектна рамка, која се однесува на заштита од поплави во Полошкиот и Струмичкиот регион, загадување на воздухот, имплементација и мониторинг на Рамковната Конвенција на Обединети Нации за климатски промени и подобрување на управувачките капацитети во заштитените подрачја.
Министерот Нуредини изрази благодарност и задоволство што Програмата за развој на Обединети Нации е значаен соработник во реализирање на националните приоритети од областа на животната средина и ги пренесе своите заложби за продолжување на соработката и партнерскиот однос во постигнување на стратешките и националните приоритети од областа на животната средина.