(26.09.2016г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, денеска, ја отвори работилницата на тема: Избор на локација за централен објект за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион, која се одржа во рамки на проектот „Подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Источниот и Севроисточниот регион“, кој е финансиран од Европската Унија, а се имплементира од конзоциумот на ЕПТИСА и ЕПЕМ.
– Оваа фаза на проектот е од исклучителна важност. Изборот на соодветна локација за инфраструктура за управување со отпадот, и особено за регионални депонии секогаш е прашање кое предизвикува големо внимание и грижа во секој систем за управување со отпад. Несоодветниот избор на локација на инфраструктурата може да има лошо влијание врз работата на депонијата и целокупниот систем за управување со отпадот во локалните средини – истакна заменик министерот Темелковски, додавајќи дека овој проект во делот на управување со отпадот служи како пример и основа за понатамошните проекти кои следат и за останатите плански региони во Р. Македонија.
Вистинската одлука за избор на локација за централен објект за управување со отпад треба ги задоволи сите критериуми, како од аспект на заштита на животната средина, така и од економски и од социјален аспект.
Досега, во Источниот и Североисточниот плански регион се реализирани се три ИПА проекти во рамките на кои беа изработени: регионални планови за управување со отпад, техничка и тендерска документација за затворање на нестандардните, диви, депонии и технички спецификации за набавка на опрема за собирањеи транспорт на отпадот.