Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, учествуваше на првиот од низата културни настани организирани во рамки на започнатата иницијатива за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.
Денешниот настан е насловен „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје“, и има за цел да ја пренесе пораката за значењето на заштитата на природата и придобивките кои ќе ги ужива овој регион.
– Заштитените подрачја денес се соочени со предизвикот да направат многу повеќе отколку само зачувување на природните вредности. Тие имаат задача да ја подобрат добросостојбата на луѓето, да обезбедат економски придобивки во повеќе сектори, но и да овозможат соодветно да се управува со богатитот биодиверзитет како што е примерот со Демир Капија – истакна заменик министерката Оџаклиеска.