Одржан првиот состанок на Секторската работна група за животна средина и климатски акции

6(12.03.2015 год.) Денеска во Скопје се одржа првиот состанок на Секторската работна група за животна средина и климатски акции, на кој се дискутираше за најновиот развој во политиката на планирање во секторот животна средина и климатски промени, како и за други активности кои ги имплементира Министерството за животна средина и просторно планирање. Основна цел е да се идентификуваат приоритетите, а во исто време и да се зголеми влијанието и ефикасноста на донаторската помош обезбедена за овој сектор.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, во своето воведно обраќање ја поздрави позитивната реакција во однос на иницијативата на Министерството и истакна:

– Со помош на Европската Унија ја подготвивме предлог Стратегијата за животна средина и климатски акции 2014-2020. Потоа, ја изработивме Секторската оперативна програма за животна средина и климатски акции 2014-2020 која ги утврдува приоритетите во секторот и ги идентификува активностите што ќе се поддржат со алокациите од ИПА 2 усвоена од Европската Комисија во ноември 2014 година.

Како една од најзначајните области со најголеми потреби од инвестиции, идентификувана е областа на управувањето со водите. Во план е подготовка на Националната студија за водите со Специфични планови за спроведување на Директивата за третман на урбани отпадни води и Директивата за вода за консумирање од страна на човекот. На тој начин ќе можеме да ги определиме точните потребни инвестиции.

Во областа на управувањето со отпадот, планирано е ревизија на Националната стратегија и план за управување со отпад и развивање на Специфични планови за спроведување на директивата за депонии заедно со Програма за редукција на отпадот.

За подобро утврдување на фактичката состојба и соодветна подготовка за процесот на пристапување кон ЕУ, преку проектот поддржан од Британската амбасада во Скопје “Управување со процесот на пристапување во секторот животна средина”, подготвивме анализа на недостатоците и ги идентификувавме потребите од техничка помош.

Резултатите беа сумирани во документот насловен “Анализа на потребите за помош за пристапување кон ЕУ”. Идентификацијата подразбира утврдување на акции со кои ќе ги затвориме недостатоците и тоа преку ИПА програмата, но и утврдување на акции за кои е потребна помош од други донатори.

Би сакал да ги споменам и другите две иницијативи за структуирање на подготвителните активности за преговарање со ЕУ во поглавјето 27, а тоа се подготовка на Патоказ за воведување на сеопфатен секторски пристап и развивање Патоказ за преговарање со ЕУ.

Состанокот беше организиран со поддршка од Британската амбасада при спроведување на проектот “Управување за пристапување на Сектор животната средина”.