(30.10.2015)Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири имаше свое обраќање на јавната расправа на тема „Проценка на можните решенија за третман на отпадните води и милта и препорачани техничко-технолошки решенија“, на која пред пошироката јавност, невладиниот сектор, бизнис секторот, експертската и научна јавност и останатите општествени чинители, беа презентирани и образложени предвидените и препорачани решенија за третман на отпадната вода и генерираната мил од пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје.
Јавната расправа е организирана во рамки на проектот за изработка на „Студија за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за главниот град Скопје – Република Македонија“.
– Овој проект има исклучително големо национално и прекугранично значење за заштита на животната средина. Очекуваме студијата да го дефинира најдобриот пристап за финансирање, изградба и управување со станицата за третман на отпадни води која ќе опслужува над 600,000 жители – изјави министерот Изаири.
Изработката на Студијата е финансиски поддржана од Фондот за студии и помош во приватниот сектор – ФАСЕП и Француската Влада во висина од 729 илјади евра.
На настанот се обратија и амбасадорот на Франција во Македонија, Н. Е. Лоренс Оер и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.