Со денешното одржување на иницијалната средба на засегнатите страни започнува изработката на националните Црвени листи во Република Македониjа. Активноста се реализира како втора компонента на GEF/UNEP проектот “Постигнување заштита на биодиверзитетот преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирањето на користењето на земјиштето”.
– Воспоставување на интегралната заштита на природата и обезбедување поволна состојба на зачуваност на видовите и нивните природни живеалишта, претставува приоритетна цел на МЖСПП. Со тоа ќе се обезбеди унапредување на имплементацијата на Директивата за зачувување на природните живеалишта и на дивата фауна и флора и Директивата за зачувување на дивите птици, како најважни инструменти на ЕУ за заштита на природата – истакна в.д. директорката на Управата за животна средина Билјана Зефиќ во поздравното обраќање. Според неа изработката на Црените листи преставува една од најзначајните активности на МЖСПП во подрачјето на заштитата на природата што воедно е и законска обврска и една од приритетните акции од Националната стратегија за заштита на природа 2017-2028.
Изработката на дел од Црвените Листи на загрозени диви видови во рамките на посочениот проект ќе претставува значаен придонес во напорите на МЖСПП во зголемувањето на ефикасноста на заштитата и управувањето со компонентите на биодиверзитетот на национално ниво. Изготвените национални Црвени листи по нивното донесување ќе имаат апликативна функција во секојдневната работа на Секторот за природа во Управата за животна средина, во рамките на спроведувањето на управните постапки за заштита, зачувување и одржливо управување со биодиверзитетот.
Настанот е организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка на Светската унија за заштита на природата (IUCN) – Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) со седиште во Белград од Програмата на Обединети Нации за животна средина (UNEP).