На 17.02.2021 година, во организација на Јавната установа Национален парк Галичица и Министерството за животна средина и просторно планирање беа одржани онлајн јавни расправи по Нацрт Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2021-2030 година и по Нацрт Извештајот за Стратегиска оценка на влијанието врз животната средина на Планот за управување.
На првата јавна расправа учество зедоа 67 претставници на стручната и општа јавност. Директорот на Управата за животна средина Хисен Џемаили во поздравното обраќање им посака успешен настан на присутните и изрази благодарност до изработувачот на Планот за управување со НП Галичица, Јавната установа НП Галичица, на Фондот за природа Преспа-Охрид – ПОНТ кој обезбеди финансиска поддршка за неговата изработка, како и на сите институции и стручни лица кои дадоа свој придонес. Нацрт Планот за управување е изработен согласно Законот за заштита на природата и Правилникот за содржината на Плановите за управување и годишните програми за заштита на природата за што се сложија сите учесници. Дискутантите го поздравија самостојно подготвениот План за управување од страна на вработените во ЈУНП Галичица со подршка од МЖСПП.
На втората јавна расправа учество зедоа 37претставници на општата и стручна јавност. Извештајот е подготвен согласно позитивните законски прописи од областа на животната средина и тој ги оценува сите влијанија вклучително и кумулативните на Планот за управување врз животната средина и природата на националниот парк. На јавната расправа учестуваше и заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска која го акцентираше учеството на стручните лице од МЖСПП, особено од Секторот за просторно планирање, кои преку Извештајот за стратегиска оцена врз животната средина во минатото, укажаа на потенцијалните негативни влијанија врз животната средина, со што се спречи деградацијата на ова природно богатство.
Постапката за консултации со јавност ќе трае до 27.02.2021 година. До овој датум ЈУНП Галичица и Министерството за животна средина и просторно планирање, ги очекуваат забелешките, препораките и коментарите по однос на двата документи во писмена форма.