Одбележување на пет години од потпишување на Договорот од Париз и поголема застапеност на темата климатски промени во образованието тема на разговор со здружението Гоу Грин

На барање на граѓанската организација Гоу Грин, денес министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа работна средба со Антонио Јовановски, претседател на здруженито, на која зборуваа за теми поврзани со климатските промени.

GoGreenMeeting

Пред се’, се разговараше за соработка во делот на одбележувањето на пет години од донесувањето на Договорот од Париз за клима. Имено, на настанот кој е во организација и покровителство на Британската со поддршка на Француската и Италијанската Амбасада, Министерството за животна средина и просторно планирање планира да ги најави активностите кон засилени климатски амбиции кои ќе бидат предложени за усвојување од Влада на РСМ. Настанот ќе се организира во пресрет на Светскиот лидерски самит за клима, кој ќе се одржи 12ти декември 2020 година и на кој ќе земе учество претседателот на РСМ Пендаровски. Воедно, тоа се случува една година пред одржувањето на 26-та Конференција на страните кон Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, која ќе се одржи во декември 2021 година, во Глазгов.

Јовановски го информираше Министерот за активностите од проектот „Млади амбасадори за климатски промени“ што исто така е поддржан од Британска Амбасада во Скопје, кој вклучува “Он-лајн курс за климатска дипломатија”, прирачник за млади за климатска дипломатија, симулација на Самитот за климатски промени и младински позиции. Беа разгледани можности за потенцијални партнерства во вакви едукативни проекти.

Особено значајна беше дискусијата во делот на реобновување на еколошките содржини во образовните процеси. При тоа министерот Нуредини информираше за разговорите што се водени со министерката за образование и наука Мила Царовска во правец на реанимација за Зелениот пакет во основното образование, како и пошироко вклучување на темите од животната средина и климата во високото образование. На средбата се споделија искуства и од страна на Гоу Грин како резултат на долгогодишни активисти во областа.