Одбележан 22 мај Светски ден на биолошката разновидност

Duraki_22maj_3Со промоција на двата најважни стратешки документа во областа природа – Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност (2018-2023), денес во Скопје беше одбележан 22 Мај – Светски ден на биолошката разновидност.

– Со имплементацијата на активностите од акционите планови на двете стратегии ќе го унапредиме спроведувањето на националната легислатива за заштита на природата, имплементацијата на ЕУ директивите за живеалишта и птици како најважни инструменти на ЕУ за заштита на природата, и поефикасно ќе ги имплементираме одредбите од меѓународните конвенции и договори од областа на заштита на природата- изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки во поздравното обраќање. При тоа Дураки нагласи дека со усвојувањето на овие две стратегии всушност Министерството се обврзува во периодот што е пред нас максимално да се ангажира во заштитата на исклучителното природно наследство со кое располага држава, претставено со големо богатство и диверзитет на видови со висок степен на ендемизам и реликтност.

Во своето обраќање, заменик амбасадорот на Швајцарија во Р. Северна Македонија, Стефан Томанијан, ги покани присутните и сите засегнати страни да се приклучат во мисијата за одржување на разновидната и зачувана природа во државата, како основа за здраво и просперитетно општество.

Искра Стојанова, претставник на Програмата на ООН за животна средина, Канцеларија во Скопје истакна дека покрај одговорноста и поддршката при изработката на Стратегијата за биолошка разновидност, УНЕП во моментов работи и на низа поврзани активности како Студијата за валоризација на Шар Планина, што може да придонесе Шар Планина да биде ставена под заштита, потоа Црвени листи за влечуги и водоземци, идентификација на шуми со високи природни вредности, квоти за недрвни шумски производи и слично.

Проектениот менаџер во Германското друшво за соработка (ГИЗ), Бертолд Ширм, ја потенцираше подршката што во име на германското сојузно министерство за економска соработка и развој ја дава ГИЗ на МЖСПП во насока на исполнување на меѓународните обврски и обврските кон ЕУ поврзани со зачувувањето на животната средина и природата.

Темата на годинешното одбележувањето на Светскиот ден на биолошката разновидност е „Наша биолошка разновидност, наша храна, наше здравје“, со што се потенцира поврзаноста на зачувувањето на биолошката вразновидност на живиот свет со храната која секојдневно ја конзумираме и со здравјето на сите живи суштества на оваа планета.

Настанот го организираа Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Програмата на ООН за животна средина- Канцеларија во Скопје, Германско друштво за меѓународна соработка ГИЗ, Програмата за зачувување на природата и Швајцарската агенција за развој и соработка.