(21.05.2019) Со презентации и практични активности во кои учествуваа ученици од основните и средните училишта од Берово, Пехчево и Делчево, денеска, во “Едукативниот центар за зачувување на природата” с.Негрево (Пехчево), беше одбележан 21 мај – Eвропскиот ден на Натура 2000.
Во рамките на настанот,учениците изработуваа тематски живеалишта кои се дел од биодиверзитетот на брегалничкото сливно подрачје, преку што се запознаа со значењето и потребата за нивна заштита. Преку презентации, професорите и наставниците од средните и основните училишта, како и претставниците на клучните заинтересирани страни беа запознати со процесот на воспоставување на Натура 2000 подрачја. Исто така беа запознати и со целите и активностите на Натура 2000како мрежа на Европската Унија за заштита на природата, која пред се има за цел да обезбеди зачувување на природните вредности од аспект на живеалишта, односно преку соодветна заштита на типовите на живеалишта да се обезбеди заштита и на севкупниот жив свет кој егзистира во нив.
Европскиот ден на Натура 2000 се одбележува од 1992 година, кога беше усвоена Директивата за живеалишта на ЕУ и Програмата LIFE. Оваа Директива, заедно со Директивата за птици (усвоена во 1979 година) стана основа на оваа мрежа на ЕУ за заштита на природата. Денес, таа вклучува повеќе од 27.800 копнени и морски локации низ државите членки на ЕУ, и има голем придонес за зачувување на уникатното природно наследство.
Европскиот ден за Натура 2000 во Негрево е во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Фармахем, Македонско еколошко друштво и Центарот за развој на источниот плански регион, како партнери на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2(ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.